ДУИ бара итна истрага, ВЛЕН: Историски момент, за првпат инвестициите се насочуваат кон Косово и Албанија

Демократската унија за интеграција (ДУИ) побара итна истрага од Јавното обвинителство против генералниот директор на МЕПСО, Бурим Латифи, по објавувањето на сторијата на PortaliX.
Според ДУИ, надоместот од 6,5 милиони евра што државата треба да ѝ го исплати на компанијата од Босна и Херцеговина „Енергоинвест“, е директна последица од одлуките на директорот.
„ДУИ бара од Јавното обвинителство итно започнување на кривична истрага против Латифи за злоупотреба на службена положба и оштетување на државниот буџет. Исто така, бара целосна ревизија на сите договори потпишани за време на неговиот мандат и итно суспендирање на договорот со ‘ЕЛНОС БЛ’ до целосно разјаснување на околностите“, се наведува во реакцијата.
Според ДУИ, вклучувањето на компании блиски до Милорад Додик и Александар Вучиќ го доведува во ризик јавниот интерес и енергетската безбедност на држава членка на НАТО.
Во контрареакција, коалицијата ВЛЕН ги обвини ДУИ за дезинформации и политички конструкции, тврдејќи дека токму таа е одговорна за блокирање на проектот.
„Проектот што денес се критикува беше речиси целосно блокиран, со само 4% реализација во период од четири години. Кога ВЛЕН ја презеде одговорноста, договорот веќе беше истечен, без реални услови за продолжување и без никакви градежни активности на терен“, наведуваат од ВЛЕН.
Тие додаваат дека ДУИ треба да сноси одговорност за, како што велат, злоупотреби и попречување на проектот.
ВЛЕН исто така истакнува дека ова е историски договор, бидејќи за првпат по 20 години инвестициите се насочуваат кон Албанија и Косово.



