
Процесот за избор на учебникот „Албански јазик“ за осмо одделение предизвика бројни реакции поради сомнежи за нерегуларности и судир на интереси. Како што објавува ПорталИкс, учебникот на професорот Авзи Мустафа, иако ги поминал првичните институционални филтри, бил одбиен по рецензија направена за само 48 часа.
Поранешниот професор и автор на повеќе учебници, Авзи Мустафа, вели дека на учебникот се работело со месеци и со максимална посветеност.
„Со моето искуство за албанските ученици, за еден идентитетски предмет, не сум спиел цели ноќи додека да го доработам и да го направам како што треба“, изјави Мустафа.
Тој додава дека подготовката на учебникот траела речиси три месеци.
„Работевме околу 3 месеци по 5 часа. Седнувавме од 10 часот, па до 5, 6, 7 часот. Ништо не оставивме настрана. Затоа што јас сум автор на 15 книги“, рече тој.
ПорталИкс објавува дека на конкурсот аплицирале четворица автори, а Бирото за развој на образованието елиминирало два учебника. Во конкуренција останале учебникот на Мустафа и уште еден учебник, за кои Бирото дало позитивно мислење.
Сепак, ситуацијата се променила по формирањето на Рецензентската комисија. Според информациите до кои дојде ПорталИкс, тројцата членови на комисијата биле од Тетово, а двајца од нив биле поранешни студенти на професорот Мустафа.
Токму оваа комисија, за само 48 часа, оценила книга од околу 200 страници и ѝ дала најниска можна оценка.
„Како може за 48 часа да ја прочитаат? Не можат за 48 часа, тие дури ни не се сретнале за да ја разгледаат и разговараат“, изјави Мустафа.
Тој обвинува и за влијанија и интереси во процесот.
„Јас на почетокот го молев да не навлегуваме во оваа работа, затоа што знаев дека ќе биде тешко во ова време и во овој систем на правда, со луѓе кои се толку корумпирани што пред парите не сакаат да слушнат за ништо“, рече Мустафа.
Потоа следувал неочекуван развој. Двајца од тројцата рецензенти поднеле оставка и се повлекле од своето мислење за учебникот.
„Што се случило и како се случило, не знам. Или забележале нешто, или совеста ги измачувала дека не е во ред некому да му го одземеш трудот“, изјави Мустафа.
ПорталИкс објавува дека дополнителни сомнежи се појавиле и околу составот на Националната комисија, каде лице со познавање на албанскиот јазик на ниво А2 учествувало во оценување на учебник по албански јазик.
Мустафа смета дека штетата не ги засега само авторите, туку и генерациите ученици.
„Тука не станува збор за еден, двајца, тројца луѓе. Станува збор за генерации албански ученици“, изјави тој.



