
Околу 6 милиони евра би можело да ја чини Северна Македонија раскинувањето на договорот со компанијата од Босна и Херцеговина, „Енергоинвест“, која првично беше ангажирана за изградба на 400 kV интерконективниот вод Северна Македонија–Албанија. Преку објава на Фејсбук, компанијата соопшти дека е на чекор до добивање на случајот пред Меѓународниот арбитражен трибунал (DAB).
„Со оваа одлука се потврдија клучните ставови на ‘Енергоинвест’, вклучително и правото на околу 6 милиони евра (што доспева на 10 април 2026 година, со дополнителна камата до исплатата), додека се одбиваат најважните барања на другата страна во вредност од над 19,3 милиони евра“, се вели во соопштението на компанијата.
Министерката за енергетика, Сања Божиновска, не даде јасен одговор дали оваа сума треба да се плати во оваа фаза. Иако DAB го одби барањето на МЕПСО и го прифати она на „Енергоинвест“, таа истакна дека државата сè уште има шанси преку жалбена постапка.

„На ниво на Владата ќе поднесеме жалба. Верувам дека до крајот на следната недела ќе ги знаеме следните чекори. Адвокатите, ангажирани од САД, ни рекоа дека имаме добри шанси“, изјави Божиновска.
Во меѓувреме, на почетокот на месецот, МЕПСО го промовираше проектот за 400 kV интерконекција со Албанија, информирајќи дека преку ЕБОР обезбедил кредит од 37 милиони евра и дополнителен грант од 12 милиони евра преку Рамката за инвестиции за Западен Балкан.
За реализација на проектот, овој пат е избран конзорциум од три компании: „Далековод“ од Хрватска, „Елнос БЛ“ од Босна и Херцеговина и „Кодар Електромонтажа“ од Србија.
Но, кои се овие компании?
Случајот „Украдени проводници“, објавен од хрватското списание „Национал“, е поврзан со исчезнување и нелегална продажба на стотици тони материјал од хрватскиот оператор HOPS, со проценета штета од над 1 милион евра. Во овој случај, „Далековод“ бил ангажиран како изведувач за дел од работите, но компанијата негира каква било вмешаност во продажбата на материјалот, нагласувајќи дека немала овластување за тоа и дека ги исполнила сите договорни обврски.

Ниту другите компании немаат целосно чисто досие. „Кодар Електромонтажа“ индиректно се поврзува со претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Нејзиниот сопственик, Иван Пантелиќ, е бизнис-партнер со Никола Петровиќ, поранешен директор на „Електромрежа Србије“ и кум на Вучиќ.
Во меѓувреме, „Елнос БЛ“, со седиште во Бања Лука и во сопственост на Бранко и Душан Торбица, според босанските медиуми, индиректно се поврзува со Милорад Додик, преку бизнис-мрежи блиски до неговото семејство и заеднички настапи на тендери.
Сепак, овие врски и сомнежи не се во фокусот на МЕПСО. На прашањата за причините за изборот на овие компании, институцијата испрати одговор во форма на соопштение во кое се пофалени достигнувањата на компаниите.
По објавувањето на сторијата од Порталикс, Демократска унија за интеграција (ДУИ) соопшти дека ќе побара итна истрага од обвинителството против директорот на МЕПСО, Бурим Латифи, поради сомнежи за оштетување на државниот буџет.
„Ова е директна последица на неговите одлуки. Латифи го раскина постојниот договор со ‘Енергоинвест’ од Сараево и го замени со ‘Елнос БЛ’ од Бања Лука, компанија тесно поврзана со мрежата на интереси на Милорад Додик“, се наведува во реакцијата на ДУИ.
Во контра-реакција, коалицијата ВЛЕН, без директно да го коментира случајот, ги обвини ДУИ и бизнисменот Нефи Хусеини за претходни злоупотреби во МЕПСО.
Автор: Петар Клинчарски



