
Дали Македонија во наредните години може да се соочи со сериозен недостиг на контролори на воздушен сообраќај? Ова прашање сѐ почесто се поставува, бидејќи процесот на ангажирање нови кадри се одвива со бавно темпо, а конкурсите се поништуваат и повторно се распишуваат поради процедурални причини, објавува ПорталХ.
На 3 април годинава, М-НАВ потпиша договор со данската компанија „GATE Aviation Training“ за обука на шест кандидати за контролори на воздушен сообраќај. Според информациите со кои располага ПорталХ, тестирањето било исклучително успешно, а групата кандидати била меѓу најквалитетните што некогаш се пријавиле.
Од 107 кандидати избрани за обука и тестирање, прворангираниот освоил максимални 100 поени, додека последниот кандидат кој го поминал прагот имал 92,5 поени. Сите кандидати ги положиле тестовите FIS 1 и FIS 2, кои опфаќаат аеронаутичка комуникација на англиски јазик, радио-фразеологија, правила на авијацијата, метеорологија, навигација, безбедносни процедури, како и практичен дел на симулатор или радио-комуникација.
Сепак, и покрај високите резултати, постапката не била завршена во законскиот рок од 90 дена. Поради тоа, конкурсот бил поништен пред кандидатите да ја поминат фазата на интервјуирање и задолжителните лекарски прегледи.
Директорот на М-НАВ, Владимир Ристески, тврди дека во постапката немало никакви неправилности.
„Селекцијата ја завршивме, но немаше време кандидатите да се интервјуираат и пратат на лекарски преглед во странство. Постапката ќе продолжи со објава на оглас за кандидати кои имаат положен ФИСТ тест. Нема ништо спорно освен постапување по законски пропишани рокови за одлучување“, изјави Ристески.
Сепак, како што дознава ПорталХ, распишувањето нов конкурс само за кандидати кои веќе го положиле ФИСТ тестот може да отвори правни дилеми. Таквата постапка би можела да се толкува како ограничување на конкуренцијата и фаворизирање на кандидатите од претходниот конкурс, со што на останатите потенцијални кандидати не им се дава еднаква можност да учествуваат во процесот.
Но процедуралниот аспект можеби е само дел од проблемот.
Според информациите до кои дојде ПорталХ, во М-НАВ во моментов недостигаат најмалку 15 контролори на воздушен сообраќај. Состојбата може дополнително да се влоши бидејќи во следните четири до шест години најмалку 40 контролори ќе ги исполнат условите за пензионирање.
Имајќи предвид дека за обука и целосна подготовка на еден нов контролор на летање се потребни најмалку три години, се поставува прашањето дали институцијата има долгорочен план за обезбедување на кадар кој ќе го одржи функционирањето на овој клучен сегмент од воздухопловниот систем.
Засега одговорите изостануваат. Додека административните процедури се одолговлекуваат, времето за подготовка на новата генерација контролори станува сѐ пократко, објавува ПорталХ.



