
Во Детската клиника, 50 ангажирани лица со договор на дело четири месеци работат без плата и со истечени договори, поради недостиг на финансиски средства.
Meѓутоа, моменталната финансиската криза во клиниката не го запрел директорот од ангажирање на негови блиски лица.
Извори за Портал Икс укажуваат дека директорот Реџеп Мемеди успеал да обезбеди средства и да го ангажира неговиот братучед, Алајдин Мемеди, како надворешен соработник, заедно со уште три лица блиски до него, Мери Миладинова економист, Јасмина Гавриловска, правничка и Елизабета Дамевска Јовановска.
Според информациите што ни беа доставени, овие луѓе веќе се вработени во други здравствени институции, а нивните хонорари на детската клиника се движат од 30 до 50 илјади денари месечно.
Од Клиниката за детски болести го потврдуваат ангажманот на четири лица, но велат дека тоа било неопходно поради сериозен недостаток на стручен кадар, особено во административниот дел.
„Со години немаме раководители во сектори како сметководство, јавни набавки и правни работи. На последниот конкурс за овие позиции немаше ниту еден кандидат. Поради тоа, а согласно законските можности, ангажиравме четири лица со консултантски договори за да се обезбеди функционирањето на овие сегменти“, информираат од Клиниката.
Дополнително посочуваат дека за овие консултантски ангажмани не била потребна согласност од Министерството за финансии.
Оттаму додаваат дека веќе е испратено барање до Министерство за финансии за продолжување на договорите за 2026 година и очекуваат согласност за периодот од јануари до април, по што би следело продолжување и за останатите месеци.
„Универзитетската Клиника за детски болести, поради критичен недостаток на кадар и согласно потребите на сите оддели, во 2025 година има ангажирано вкупно околу 50 лица со договор на дело. Дел од нив се ангажирани и од претходните години, а благодарение на овој персонал се овозможува нормалното функционирање на Клиниката и давањето здравствени услуги“, велат од Клиниката.
Сепак, остануваат отворени прашањата околу критериумите за избор на овие лица, како и тајмингот на нивниот ангажман.
Имено, не е јасно како во услови кога дел од постојните ангажирани со месеци не добиваат плата, се обезбедуваат средства за нови договори.
Дополнително, според информациите до кои дојде редакцијата, дел од новоангажираните лица се поврзуваат со раководството на установата, што отвора дилеми за можен конфликт на интереси.
Автор: Кристина Ивановска



