
Kорисник од скопската општина Карпош за само месец и половина остварил добивки од над 10,8 милиони евра на државната платформа за онлајн коцкање „Мегавин“.
Според достапните податоци, корисникот со шифра 165234 во периодот од 22 април до 3 јуни годинава евидентирал добивки во вредност од околу 10,9 милиони евра, додека во истиот период вложил повеќе од 4,1 милиони евра.
Анализата покажува дека најголемиот дел од добивките се реализирани во исклучително краток рок. Само на 1 јуни корисникот остварил добивки од над 1,24 милиони евра. На 29 мај добивките достигнале речиси 1,13 милиони евра, а два дена подоцна, на 31 мај, надминале 1,11 милиони евра.
Особено внимание привлекуваат и поединечните исплати. Најголемата регистрирана добивка изнесува повеќе од 32.000 евра и според податоците е остварена најмалку двапати – на 1 и на 2 јуни – со влог од околу 2.440 евра на онлајн рулет.
Дополнителен сомнеж предизвикува фактот што на 18 мај, според податоците, истиот корисник погодил дури 178 пати по ред. Иако добивките сами по себе не се доказ за незаконитост, ваквата серија отвора прашања за статистичката веројатност и функционирањето на системот.
Следејќи ја активноста на профилот, неизбежно се поставува дилемата: дали станува збор за неверојатна среќа или за нешто што заслужува дополнително внимание од надлежните институции?
Случајот отвора и низа прашања поврзани со безбедноста на платформата. Кој има административен пристап до системот? Кој го сертифицира генераторот на случајни броеви? Дали постои независна анализа на софтверот? Колку долго се чуваат логовите и дали постои можност тие да бидат изменети или избришани?
Прашања во оваа насока се испратени до Државна лотарија, како и до Управата за финансиско разузнавање и Народната банка, со оглед на тоа што уплатите на платформата се вршат исклучиво преку банкарски сметки.
Од Народна банка ни одговорија дека приредувачите на игри на среќа согласно Законот за спречување на перење на пари и финансирање на тероризам исто така се субјекти кои имаат обврска да ги преземаат мерките и дејствијата за откривање и спречување на перење пари и финансирање на тероризам предвидени со Законот. Народната банка нема законска надлежност за надзор над овие субјекти.
„Во рамките на своите законски надлежности, Народната банка врши супервизија на банките и ги оценува воспоставените системи за управување со ризикот од перење пари и финансирање тероризам. Народната банка има донесено подзаконски акт (Одлука) во кој подетално е регулиран начинот на спроведување на мерките за спречување перење пари и финансирање тероризам за субјектите за кои Народната банка врши надзор, вклучително и за банките“, велат тие.
Интересно е што откако пративме прашања, активноста на корисникот значително опаднала. До 14 часот денеска биле регистрирани добивки од околу 7.600 евра, што е незначителен износ во споредба со милионските суми кои претходно биле евидентирани.
Дали станува збор за исклучителна среќа, математичка неверојатност или за случај што бара темелна институционална проверка, останува да утврдат надлежните органи.
Автор: Кристина Ивановска



