XStoryXStory

„Музичка фабрика“ незаконски емитувала скриен маркетинг на МРТ   

ПорталХ објави, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги потврди – емисијата „Музичка фабрика“ која се емитува на јавниот сервис прекршила членови од законот и емитувала скриен маркетинг и производи во програмата за деца, иако не смеела.  

Кога се обративме до АВМУ, институцијата веќе спроведувала програмски надзор на МРТ1 и МРТ5 – детскиот канал за емитувањето на „Музичка фабрика“ – и тоа од 23 – 29 март и 6 до 12 април. 

Што точно утврди АВМУ?  

Прекршување на член 99, став 4 и 5 од Законот, кои пропишуваат дека не е дозволено рекламирање во програми за деца чие времетраење е до 30 минути и дека е забрането емитување телешопинг. 

Со надзорот, АВМУ констатирале дека шоуто „Музичка фабрика“ има спонзори и дека тие се наведени во одјавната шпица. Но, прекршувањето е во членот 55 став 1, бидејќи во емисиите кои ги анализирале, спонзорите преку нивните производи и логоа биде сеприсутни во емитуваната програма, иако тоа законот тоа го забранува.  

За констатираните прекршоци, АВМУ им изрекла мерки на двата програмски сервиси на МРТ. 

По закон тоа првично е јавна опомена, а по извесно време АВМУ треба да спроведе и контролен надзор, дали ја адаптирале програмата и ги отстраниле прекршувањата и доколку не – следува прекршочна пријава.  

Откако приказната на ПорталХ доби и институционална потврда – дека Радосница ДОО го прекршила законот, го побаравме и Марјан Цветковски, директорот на јавниот сервис и потписник на договорот со Радосница ДОО. 

Бидејќи и тој е прекршен. Како што веќе објавивме, членот 8 децидно посочува дека „Музичка фабрика“ нема право во рамки на ТВ проектот да врши рекламирање и презентација на фирми, производи и прикриен маркетинг и дека истото е забрането.  

А ако тоа не се почитува, членот 10 пропишува дека „секоја од договорените страни може да го раскине договорот ако не се придржуваат кон правата и обврските од него“. 

Екс директор Марјан Цветковски вели дека МРТ нема добиено никакво официјално известување од АВМУ и констатацијата дека институцијата веќе потврдила – за него е „шпекулација и невистина“.

Во однос на прекршувањето на договорот, Цветковски вели дека „МРТ нема официјално добиено никаков документ и во моментов не е започната никаква процедура. Доколку добие официјални насоки од АВМУ ќе се постапи согласно внатрешните акти и Законот за заштита на интересот на МРТ“.

Но, проектот „Музичка фабрика“ отвора и други прашања – дали децата кои снимаат промотивни видеа за компаниските брендови имаат согласност од родителите и дали семејствата добиле финансиски надоместок? Бидејќи ако не, тоа значи дека Радосница ДОО дополнително заработувала од фирмите преку детско рекламирање на прехранбени производи, осигурителна компанија и банка, што е утврдено и АВМУ која ги нарекува спонзори.     

„За сите пријавени учесници во проектот „Музичка фабрика“ имаме обезбедено писмена согласност од родителите/старателите за учество и медиумска експонираност на децата, која е составен дел од процесот на пријава. Сите активности на социјалните мрежи и дигиталните платформи се реализираат во рамки на таа согласност и во согласност со важечките законски прописи“, велат од „Радосница ДОО“. 

Но, ниту Радосница, ниту компаниите спонзори на емисијата кои ги контактиравме не открија како се регулирани спонзорските договори, бидејќи според оној што Музичка фабрика го има со МРТ, не смее ни да постојат. Затоа што ексклузивното право да го продава рекламниот простор во емисијата го има МРТ, а не Радосница. Оти Радосница, за да ја продуцира Музичка фабрика, ќе наплати од јавниот сервис 232.000 евра. 

Автор: Петар Клинчарски 

Related Articles

Back to top button