XStoryXВести

Спорен процес при избор на учебникот на „Арбериа Дизајн“: оставки, коригирани датуми и конфликт на интереси

Изборот на учебникот по албански јазик за осмо одделение бил проследен со компромитиран процес, придружен со оставки, контрадикторни оценки, коригирани датуми и сомнежи за конфликт на интереси.

Сомнежи за процесот изрази и авторот на конкурентниот учебник од издавачката куќа „Литера“, Авзи Мустафа, на кого Бирото за развој на образованието во првата фаза му дало позитивно мислење, додека Рецензентската комисија го оценила со најниска оценка.

„Формирав поголем тим и работевме околу три месеци. Ништо не оставивме на случајност. Не разбирам зошто ни дадоа толку ниска оценка“, вели Мустафа.

Рецензентската комисија, составена од тројца членови – Лирие Даути, Емине Шабани и Арлинд Фаризи – учебникот на Мустафа го оценила со оценка 1, со образложение дека не ги исполнува програмските барања. Сепак, авторот тврди дека сите услови биле исполнети и дека институционално побарале детално образложение за негативните оценки што ги добил учебникот.

48 часа за одлучување за судбината на учебниците

Според јавно достапната документација, која ја анализираше PortaliX, целиот процес, кој законски предвидува рок од 14 дена, започнал и завршил за само четири дена.

Веднаш по одлуката на Бирото за развој на образованието била формирана Рецензентската комисија, а само неколку часа подоцна рецензентите ги добиле материјалите за оценување, за да ги вратат по 48 часа.

Според материјалите до кои имаше пристап PortaliX, станува збор за учебници со околу 600 страници. Мустафа изразува сомнеж дека учебниците воопшто не биле прочитани.

„Како може да ги прочитаат за 48 часа? Не можат да се прочитаат за 48 часа. Тие дури ни не се сретнале за да ги разгледаат и дискутираат“, реагира Мустафа.

Според објавените документи, во 48-часовната оценка што ја дале рецензентите, учебникот на „Арбериа Дизајн“ добил позитивна оценка, додека учебникот на „Литера“ бил негативно оценет.

„Оставката се прифаќа — мислењето останува“

Четири дена подоцна, двајца од тројцата рецензенти, Емине Шабани и Арлинд Фаризи, се овлекуваат од своето стручно мислење и истото го доставиле до Министерството за образование.

Причините за повлекувањето остануваат нејасни, но двајцата рецензенти го обвинуваат Министерството за манипулација со процесот.

„Предлагаме овој процес да се прекине, да се формира нова рецензентска комисија и учебниците повторно да се оценуваат од почеток. Поднесовме оставка очекувајќи таа да биде прифатена, како што е случај во секоја нормална институција кога се поднесува оставка“, стои во заедничкиот став на Арлинд Фаризи и Емине Шабани.

Сепак, нивната оставка не го запрела процесот, бидејќи Министерството ги прифатило оставките, но не и повлекувањето на мислењето, со што рецензентите не се согласуваат и за што поднеле дополнителна жалба до Министерството.

„Длабоко сме погодени од одговорот на МОН и Националната комисија: ‘Оставката се прифаќа — мислењето останува’. Ова претставува апсурдна и контрадикторна ситуација за нас“, вели Арлинд Фаризи.

Според Процедурата за начинот на спроведување на постапката за одобрување учебници преку јавен конкурс, Рецензентската комисија може да продолжи со работа само доколку се повлече еден рецензент.

„Доколку еден член на Рецензентската комисија поднесе оставка, а другите двајца имаат идентично рецензентско мислење, постапката продолжува и, по изборот на трет член, нему му се доставуваат ракописите и позитивните мислења од Бирото/Центарот, заедно со рецензентските мислења на двајцата членови, со кои тој може да се согласи или да даде издвоено мислење.“

На 30 март, истиот ден кога членовите на комисијата поднеле оставка, пристигнала и финалната оценка за учебникот на издавачката куќа „Арбериа Дизајн“.

Сепак, за да функционира теоријата на Министерството „Оставката се прифаќа — мислењето останува“, од педагошката служба, со пенкало над архивскиот печат на кој стоел датумот 30 март, бил впишан датумот 26 март.

Сомнежи за семејни врски меѓу рецензентката и издавачот

Цврсто на своите професионални оценки до крајот на процесот останала само рецензентката Лирие Даути. На прв поглед изгледа така, но не и кога ќе се отвори нејзиниот профил на социјалните мрежи. Рецензентката Лирие Даути и сопственикот на издавачката куќа „Арбериа Дизајн“, Дашмир Адеми, се познаваат и имаат семејни релации, што е спротивно на Процедурата за начинот на спроведување на постапката за одобрување учебници преку јавен конкурс, каде што се наведува:

„Во постапката за одобрување учебници нема да учествува ниту едно лице, било како административен службеник, рецензент или член на Националната комисија, доколку постои некоја од следните ситуации: службеникот има директен или индиректен личен интерес во конкретното прашање.“

Во врска со сомнежите за конфликт на интереси, рецензентката Даути вели дека не постои никаква врска од природата што се тврди и дека сè е согласно законот.

За да го коментира конкретниот случај и процесот воопшто, го контактиравме и Дашмир Адеми од издавачката куќа „Арбериа Дизајн“. Тој изрази интерес за средба, но не и за изјави.

„Сè според процедура“, уверува заменик-министерот

За целиот процес и сите неправилности, објаснување побаравме и од заменик-министерот за образование, Дритон Сулејмани. Сепак, иако беше соочен со фактите, тој уверува дека е запознаен со случајот и дека сè се одвивало според законските процедури.

„Целата постапка е спроведена законски, во рамки на законските рокови. Значи, тука нема ништо што треба да нè загрижува. Ако за педагошката служба сè е во ред, тогаш и за нас е во ред“, изјави Сулејмани.

Според Сулејмани, доколку нема жалби од вклучените страни, целиот процес е легитимен. На прашањето дали ќе има иницијатива за ревизија на случајот, заменик-министерот рече дека за него е важно учениците на 1 септември да имаат учебници.

„Не станува збор за еден, двајца, тројца или четворица луѓе. Станува збор за цели генерации. Подобро е да немаат учебници, отколку да имаат учебници со грешки. Нека му е срам на оној што размислува така“, одговара авторот Мустафа на ставот на заменик-министерот.

Тој додава дека уште од самиот почеток се сомневал дека процесот нема да биде праведен.

„Уште на почетокот го молев да не влегуваме во оваа работа, бидејќи знаев дека ќе биде тешко во ова време и во овој систем, каде што владее неправдата, со толку корумпирани луѓе кои пред парите не ставаат ништо“, вели Мустафа.

Прашалници отвора и изборот на известувачот во процесот од страна на Националната комисија. Од вкупно 21 член на комисијата, меѓу кои има и Албанци, за да го даде финалниот збор во овој случај е избран Михајло Марковиќ, предавач на Филолошкиот факултет при Универзитетот во Тетово.

Автор: Кристина Ивановска

Related Articles

Back to top button