XStory

Градоначалник и бизнисмен кој чека државна помош за семејната фирма



Додека ја води општината Маврово и Ростуше, градоначалникот Онер Јакупоски паралелно е и бизнисмен кој добива државна помош за неговата семејна компанија БОС ПАКИНГ, што го отвора прашањето за можен судир на интереси.

Документите со кои располага ПорталХ покажуваат дека пред да стане градоначалник, фирмата на Онер Јакуповски и неговите две деца Белвин и Садула има склучено анекс-договор со одлука на Владата.

Хронолошки, во временски распон од само 10 дена, Јакупоски на 3 септември 2025 година прво беше потврден како кандидат за градоначалник на Маврово и Ростуше на седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Веќе на 12 септември, Владата донесе одлука за склучување анекс на договорот за државна финансиска поддршка за неговата компанија.

„Тогаш не сум бил носител на функција, нели така? Се работи за компанија која има петгодишен договор со Законот за поддршка на инвестициите и тој договор е потпишан дури со претходната влада, согласно Законот за поддршка на инвестициите минува третата или четвртата година, мислам дека е четвртата“, изјави градоначалникот Јакупоски.

Од Министерството за економија и труд велат дека БОС ПАКИНГ има важечки договор за финансиска поддршка со инвестициски период до крајот на 2026 година.

Со последните законски измени се формира Комисија за надзор која за првпат врши анализа и проверка на документацијата за активните договори. По завршувањето на проверката, оваа компанија како и останатите компании кои остваруваат право преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции треба да ги добијат средствата до крајот на 2026 година“, одговорија од Министерството за економија и труд.

БОС ПАКИНГ е формирана во 2021 година. Тоа се занимава со производство на хартиени вреќи и кеси за разни намени. Според алатката Отворени финансии, првата државна помош ја добива во времето на претходната влада во 2023 година. Тогаш на компанијата на име државна помош се исплатени скоро 70.000 евра.

Веќе во 2024 година, со промената и доаѓањето на новата влада, БОС ПАКИНГ добила повеќе од двојно, односно 167.075 евра државна помош.

Но, дали со анексот склучен во септември 2025 година и оваа сума е зголемена и колку изнесува државната помош со новиот анекс, не открива ниту министерството, ниту Владата, ниту Јакупоски.

Градоначалникот Онер Јакупоски ја има пријавено сопственоста во компанијата во Антикорупциска.

Но, во моментов, има преклопување меѓу јавната функција на градоначалникот и државна финансиска поддршка за компанија поврзана со него и членови на неговото семејство, што отвора прашања за примена на член 52 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Тој се однесува на забрана за користење на заеми и други видови поддршка од државата.

„Правно лице чиј основач или сопственик било или е избрано или именувано лице или чиј основач или сопственик е или било член на неговото семејство или во кое член на неговото семејство е одговорно лице или во кое избрано или именувано лице односно член на неговото семејство, поседува удели или акции не може да биде корисник на грант, заем односно финансиска поддршка од државата или од единица на локалната самоуправа“.

Дали во конкретниот случај постои судир на интереси, ќе утврдува Антикорупциска.

„По сопствена иницијатива, оформен е предмет по однос на наводите од Вашето прашање“, рекоа од ДКСК.

„Анексот се однесува само за реализацијата на програмата за инвестиции, бидејќи со првиот основен договор е надмината и законот дозволува анекс ако инвестирате во дополнителна нова опрема. Дека во овој момент бидејќи сум избран градоначалник и имам судир на интерес ќе го проверам…. Во ред, ако е тоа така ќе се советувам со мојот личен адвокат за повлекување или било што“, изјави Јакупоски за ПорталХ.

Онер Јакупоски не успеа да обезбеди победа на локалните избори ниту во првиот ниту во вториот круг, по што беше именуван од Владата за повереник на Општина Маврово и Ростуше. Конечно, победи на повторените избори кон средината на јануари годинава, по што седна во градоначалничката фотелја.

Веднаш по изборот за градоначалник, синовите на градоначалникот основаа две нови компании – Ултра Клеанинг и Сервиси ГРОУП за чистење и Пулсар Солушнс ДООЕЛ – за ИТ технологии. Овие компании, формирани кон крајот на јануари и почетокот на фебруари, две недели откако нивниот татко стана градоначалник воопшто не се пријавени во ДКСК, иако е изминат законскиот рок од 30 дена од денот на промената на анкетниот лист.

Јавно достапните податоци покажуваат дека Белмин Јакупоски е член на владејачката партија, а во 2022 година бил избран од ВМРО-ДПМНЕ за претседател на општинскиот комитет на Маврово и Ростуше. За помалиот син, Садула, вели дека живеат во исто домаќинство.

Сепак, последниот збор за и за државната помош и за непријавените компании ќе го има Антикорупциска.

Автор: Петар Клинчарски

Related Articles

Back to top button