
„Музичка фабрика“ е емисија во копродукција со МРТ, за која јавниот сервис со државни пари и плаќа 232.000 евра на фирмата Радосница ДОО за снимање на детско музичко натпреварување.
Но, освен државни пари, компанијата паралелно рекламира голем број на компании во емисијата, што е спротивно на договорот кој сами го потпишале.
Договорот за копродукција со јавниот сервис, во кој имаше увид ПорталХ, а на кој ставил потпис се екс дирекотрот Марјан Цветковски, покажува прекршување на членот 8.

„Радосница ДОО Скопје нема право во рамки на ТВ проектот што е предмет на овој договор да врши рекламирање и комерцијална презентација на фирми, компании и производи или прикриен маркетинг и истото е забрането. МРТ го има ексклузивното право на сите заинтересирани фирми да го продава целокупниот рекламен простор во рамките на емитувањето на програмската содржина опфатена со овој договор, со склучување“, се вели во договорот.
А во емисијата скриеното рекламирање го има во изобилство. Додека децата пеат на сцена, а од сите страни се рекламираат храна, логоа на банки и осигурителни компании.
ПорталХ се обрати и до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, каде и според нивниот закон децидно е забрането рекламирање на производи во детски емисии.
„Од АВМУ велат дека ќе направат детална анализа на посочените содржини и по нејзиното завршување ќе известат за добиените констатации“.
Конкретно, според правилниците, АВМУ забранува скриено рекламирање во детски програми и посочува дека не смее да има рекламирање во ваков тип програми пократки од 30 минути. Фактот што брендовите се појавуваат само во одјавната шпица и тоа како помагатели, а не се јасно најавени како реклама, укажува на скриено рекламирање.
Од компанијата Радосница ДОО, пак, велат дека сите обврски од договорот се целосно испочитувани во доставените материјали до МРТ.

„До денес не сме добиле ниту една забелешка, барање или укажување на неправилност од страна на Секторот маркетинг на МРТ. Во спротивно, секако, би постапиле веднаш и соодветно за отстранување на евентуално укажаните недостатоци. Епизодите кои се објавуваат на YouTube, како и содржините за социјалните медиуми, се посебно обработувани и адаптирани од страна на нашиот тим и не претставуваат идентична верзија на телевизискиот формат емитуван на МРТ“, вели Зоран Илиев од компанијата.
Но, дали е баш така?
Во текот на вчерашниот ден, кога добивме одговор од компанијата, се емитуваше и новата епизода на Музичка фабрика на јавниот сервис. Во најголемиот дел од емисијата, помагателите и пријателите на проектот, како што самата компанија ги наведува во одјавната шпица и на официјалниот сајт – беа замаглени, што се коси со одговорот од претходно дека договорот е максимално испочитуван. Компаниите кои до вчера беа јасно видливи, наеднаш беа блурирани.

Прашања на кои не добивме одговор од Радосница се – дали настрана од договорот со МРТ остваруваат дополнителни финансиски приходи од рекламирање од овие компании како спонзори, дали се пријавени во МРТ и имаат договор за рекламирање со телевизијата и зошто во емисиите нема назначено никакво рекламирање од нивна страна? Како и за иднината на договорот за кој велат дека е испочитуван, а потоа самите се корегираа?
ПорталХ дознава дека за МРТ се знае за ова непочитување на договорот, но останува нејасно зошто досега не е реагирано.
За овој случај, се обративме и до Драган Николовски, главниот и одговорен уредник на МРТ1, имајќи во предвид дека во договорот стои дека Програмскиот колегиум има обврска да направи евалуација на квалитетот на содржината и аудиовизуелниот сегмент на емисиите. Дали такво нешто е направено досега, одговор не добивме.
Договорот меѓу Радосница и МРТ е склучен на 14 јануари. Компанијата според Централниот регистар е формирана два ипол месеци порано, односно на 30 октомври 2025 година.
Автор: Петар Клинчарски



