XStoryXВести

Како владината „трајна промена“ остави недовршена улица во Скудриње

Ако не може да се заврши ниту улица што поминува покрај домот на градоначалникот Онер Јакупоски, тогаш тешко дека жителите на Скудриње во Маврово и Ростуше можат да очекуваат побрза реализација и на останатите инфраструктурни ветувања.

Речиси една година по најавената реконструкција,улицата во селото сè уште е недовршена, иако Владата ја претставуваше како симбол на „трајна промена“ и локален развој во екот на предизборната кампања. Жителите на Скудриње и денеска секојдневно минуваат по мешавина од асфалт и тампонирана подлога.

Реконструкцијата на улицата беше најавена од Владата кон крајот на декември 2025 година. Но, речиси пет месеци подоцна, состојбата на терен покажува дека работите се движат бавно, со минимални промени и механизација која подолг период стои во место.

Зошто не е довршена – го прашавме градоначалникот Јакупоски, кој вели дека проектот го наследил во застој од неговиот претходник.

„Имајќи го во предвид зимскиот период и месеците, градежната сезона во општината започнува во март и април и веќе во моментов на терен оној првиот слој на тампонирање и валирање е завршено. дел се асфалтира. Мислам дека до крајот на месецот целосно ќе биде асфалтирана и завршена… Овде беше повторени изборите и заради зимскиот период, тоа беше причината за доцнењето. Има и анекс на договорот меѓу инвеститорот и изведувачот за продолжување на рокот“, вели градоначалникот Јакупоски.

Хронологијата на настаните јасно укажува на тоа дека овој проект доби силна институционална поддршка токму во периодот кога локалните потреби се поклопија со политичките цели. Владата ја промовираше реконструкцијата во декември 2025 година– момент кој се поклопи со изборната кампања.

Во тој период, Владата го назначи за повереник на Општина Маврово и Ростуше, Онур Јакупоски, кој подоца беше во трката за градоначалничката функција на повторените избори кои се одржаа на 11 јануари.

Дека Скудриње и реканскиот крај послужија како силен предизборен адут потврдува и посетата на премиерот Христијан Мицкоски на 9 јануари, само два дена пред гласањето.

Премиерот лично пристигна на терен за да му даде силна поддршка на Јакупоски, испраќајќи порака дека општината има целосна владина поддршка за стабилност, развој и „реални проекти“. Но, откако изборите завршија, улицата се уште го чека својот финален лик.

Овој пример уште еднаш го отвора легитимното прашање:
Дали капиталните инвестиции навистина се користат го подобруваат животот на граѓаните или служат само како предизборен инструмент?

Автор: Петар Клинчарски


Related Articles

Back to top button