XВестиЛокално

ВИ: Помошно средство или закана за новинарството на Балканот

Во редакциите на вестите низ Балканот, вештачката интелигенција повеќе не е тема на иднината. Дали нејзината употреба може да го подобри новинарството или ќе го наруши квалитетот и довербата во медиумите?

Вештачката интелигенција (ВИ) постепено станува дел од секојдневната работа на новинарите низ целиот Балкан, од транскрибирање интервјуа до анализа на податоци и создавање мултимедијални содржини. Сепак, додека некои медиумски професионалци ја гледаат како алатка што може да го подобри новинарството, други предупредуваат дека може да го наруши квалитетот и довербата во медиумите.

Глобалните трендови покажуваат дека оваа трансформација веќе е во тек. Според анализа на Reuters Institute, 87 проценти од испитаниците изјавиле дека од 2024 година нивните редакции делумно или целосно се трансформирани од употребата на вештачка интелигенција.

Сепак, усвојувањето на овие нови технологии во медиумите на Западен Балкан напредува со различно темпо. Истражувањата покажуваат дека редакциите во регионот сè уште се во рана фаза на интеграција на овие алатки. Новинарите најчесто ги користат за автоматизација на рутински задачи, обработка на големи количини информации и забрзување на производствените процеси.

„Секоја технолошка револуција неизбежно го менува речиси секој аспект од општеството, а новинарството е меѓу првите што ги чувствуваат тие промени“, вели Дејан Ракита, новинар во истражувачкиот медиум „Герила“ од Бања Лука.

Според него, воведувањето на алатките на вештачката интелигенција во медиумскиот пејзаж на Западен Балкан отвора нови дилеми, особено во средини каде независното новинарство долго време се соочува со политички и економски притисоци.

„Професионалните и независни новинари ја прифаќаат оваа технологија како помошна алатка, која може да го подобри истражувањето и да забрза одредени работни процеси“, додава тој.

Вештачката интелигенција како алатка, не како уредник

Во Јавниот радиодифузен сервис на Црна Гора (RTCG), вештачката интелигенција веќе се користи во секојдневната работа. Сепак, како што објаснува Владaн Јекниќ, советник за односи со јавност, нејзината улога е строго ограничена.

„Ја користиме вештачката интелигенција главно како поддршка во продукциските процеси“, вели тој.

Според Јекниќ, ВИ помага при автоматска транскрипција на интервјуа и емисии, пребарување и архивирање на големи количини аудио и видео материјали, како и при техничка обработка на содржините. Но постои јасна граница.

„ВИ нема уредничка улога. Одговорноста за содржината останува исклучиво кај новинарите и уредниците.“

RTCG е и првиот јавен сервис во регионот кој усвоил Етички кодекс за употреба на вештачката интелигенција. Според Јекниќ, целта е да се постават стандарди за одговорна употреба на новите технологии во новинарството.

„Улогата на јавниот сервис е да поставува стандарди за професионална одговорност во нови технолошки околности“, вели тој, додавајќи дека конкуренцијата за кликови и брзина на објавување сè повеќе доминира во медиумската индустрија.

Две различни реалности во медиумите

Начинот на кој медиумите ја користат вештачката интелигенција во регионот значително се разликува. Некои редакции ја гледаат како алатка за подобрување на новинарската работа, додека други ја користат како замена за неа.

Новинарот од Бања Лука, Дејан Ракита, смета дека токму тука лежи главната разлика.

„Одговорните медиуми ја користат ВИ за да го зајакнат новинарството“, вели тој.

Тој додава дека голем дел од медиумскиот пејзаж во регионот ја користи технологијата на различни начини.

„Многу портали со нетранспарентна сопственост ја гледаат ВИ како замена за работата на новинарите. Наместо да биде алатка, таа станува машина за масовно производство на генеричка содржина.“

Во регион каде независното новинарство долго време е изложено на политички и економски притисоци, ваквите практики можат дополнително да го ослабат веќе кревкиот медиумски екосистем.

Предност за поголемите редакции

Бобан Томиќ, професор по медиуми и комуникации во Белград, вели дека користењето на вештачката интелигенција во новинарството зависи од капацитетите на редакциите.

„Поразвиените редакции во поголемите медиуми користат напредни генеративни ВИ алатки што помагаат во процесот на создавање и уредување новинарски текстови“, објаснува тој.

Според него, овие алатки им овозможуваат на новинарите побрзо да подготвуваат вести, извештаи и анализи, како и значително да ја подобрат истражувачката работа.

„Брзината со која ВИ може да пристапи до извори на информации е многу поголема од онаа што може да ја постигне еден човек“, додава тој.

Покрај текстуалната продукција, вештачката интелигенција сè повеќе се користи и за создавање аудио-визуелни содржини – од звук и видео до графички елементи.

Сепак, професорот предупредува и на ризиците.

„ВИ може да биде добар слуга, но лош господар.“

Според него, најголемиот ризик доаѓа од недоволното знаење и разбирање кај луѓето што ги користат овие технологии.

Малите редакции и новите технологии

Во Северна Македонија, усвојувањето на овие технологии сè уште е во рана фаза. Анализата „Artificial Intelligence in the Media of North Macedonia“ покажува дека ВИ најчесто се користи како помошна алатка, а не како стратешки ресурс.

Во пракса, новинарите ја користат за истражување теми, анализа на трендови или подготовка на мултимедијални формати, додека недостигот од јасни редакциски политики често ја префрла одговорноста за етичката употреба на секој поединечен новинар.

Весна Ивановска-Илиевска, уредничка во „UMNO.mk“, вели дека ВИ веќе станува неизбежен дел од новинарската професија.

„Прашањето повеќе не е дали се користи ВИ, туку како се користи“, вели таа.

Особено во малите редакции кои се соочуваат со недостиг на кадар, новите алатки можат значително да го олеснат производствениот процес. Но, според неа, транспарентноста е клучна.

„Не објавуваме текстови што се целосно генерирани од ВИ. Секогаш јасно наведуваме кога се користи ВИ, било за графики, илустрации или преводи, и ја посочуваме платформата што е користена.“

Само со таков пристап може да се зачува довербата на публиката.

Брзина и ефикасност, но и нови ризици

Според анализите, најголемата предност на ВИ е зголемената ефикасност во редакциите. Таа им помага на новинарите побрзо да обработуваат информации, да анализираат податоци и да автоматизираат рутински задачи.

Но, истовремено се појавуваат сериозни етички дилеми.

Една од најголемите грижи е ширењето на неточни или манипулативни содржини. Deepfake видеа, автоматски генерирани текстови и манипулирани фотографии можат да создадат нови форми на медиумска манипулација.

„Најголемиот ризик е ширењето на неточни или манипулативни содржини“, предупредуваат експертите.

Тие нагласуваат дека медиумските организации мора јасно да ги дефинираат одговорностите при користење на овие технологии.

„Ако ВИ се користи во создавањето содржина, мора јасно да се наведе што е генерирано со ВИ.“

Новинарите како „уредници на интелигенцијата“

Една од најголемите промени што ја носи ВИ е трансформацијата на самата новинарска професија. Новинарите сè повеќе стануваат „уредници на интелигенцијата“, комбинирајќи човечка креативност со алгоритамска брзина.

Тоа значи дека тие мора да развијат нови вештини – од анализа на податоци и проверка на факти до разбирање на алгоритми и критичко користење на ВИ алатките.

Без овие вештини, предупредуваат експертите, редакциите ризикуваат да заостанат зад технолошкиот развој.

Дали ВИ ќе ги замени новинарите?

Прашањето дали ВИ ќе ги замени новинарите често се поставува. Но, засега повеќето експерти сметаат дека тоа нема да се случи.

Анкета спроведена меѓу 20 новинари и медиумски професионалци од регионот покажува дека 80 проценти сметаат дека ВИ не може да ги замени новинарите, додека 20 проценти веруваат дека може да замени дел од професиите.

ВИ може да помогне во пишување кратки вести, финансиски извештаи или анализа на податоци, но не може да го замени контекстот, критичкото размислување и истражувачката работа.

Заклучокот е дека вештачката интелигенција нема да го замени новинарството, но сигурно ќе го промени начинот на кој се практикува. Новинарството, сепак, останува човечка професија.

Овој текст е објавен во соработка со Deutsche Welle и е реализиран во рамки на проектот „Отпорност кон дезинформации во Северна Македонија“, поддржан од владата на Северна Рајна-Вестфалија.

Автор: Александар Манасиев

Related Articles

Back to top button