
26 жени се убиени во Северна Македонија од 2021 до 2025 година. Поради долгогодишниот недостиг на законска регулатива, не е познато колку од нив се жртви на фемицид.
„Или моја, или мртва“, беше само една од десетиците заканувачки пораки што 31-годишната Росица Кочева ги добила неколку дена пред нејзиниот поранешен партнер, Илија Стефановски, да ја убие неа заедно со нејзиниот татко пред нивниот дом во Велес. Ова е најновиот случај на фемицид во Северна Македонија, документиран и од полицијата.
Росица неколкупати ја пријавувала насилството и постојаните закани од поранешниот партнер, не само кон неа, туку и кон нејзините родители и пријатели, но нејзиниот случај никогаш не бил сериозно сфатен од институциите.
Пред да го изврши делото, сторителот Илија Стефановски бил казнет само со условна казна и мерка за забрана за приближување, која не ја почитувал. По двојното убиство, тој извршил самоубиство.
Овој случај е само еден од многуте што отвораат прашања за институционалната реакција на повиците за помош од страна на жените.
За пет години, 26 убиени жени
Росица е само една од вкупно 6 жени убиени во Македонија во текот на 2025 година. Во 2024 година биле убиени пет жени, од кои две претходно пријавиле семејно насилство.
2023 година била најтешка во однос на убиствата на жени, со вкупно 9 жртви. Три од случаите се поврзани со семејно насилство. Според податоците на Евростат за 2023 година, Северна Македонија била меѓу земјите со највисока стапка на фемициди во Европа, со 6 фемициди на еден милион жители, рангирана на третото место по Литванија и Летонија. Во 2022 година биле убиени две жени, додека во 2021 година се регистрирани четири случаи.
Северна Македонија меѓу првите во регионот што го признава фемицидот законски
Убиството на жена не значи нужно фемицид. За еден случај да се квалификува како таков, потребно е да се докаже дека убиството е поврзано со полот, односно дека жената е убиена поради тоа што е жена.
Иако терминот „фемицид“ не се користи директно во Кривичниот законик, во 2023 година членот 123 беше дополнет со став 2-а, со кој се санкционира убиство на жена или девојче до 18 години „како последица на родово базирано насилство“.
Поради тоа што ова претходно не било регулирано, не е прецизно утврдено колку од убиствата на жени може да се квалификуваат како фемицид. Во моментов Националната мрежа против семејно насилство ги анализира сите судски пресуди и одлуки поврзани со убиства на жени од 2014 до 2023 година и се очекува да објави извештај кој ќе даде појасна слика за природата на овие случаи.
За Дојче Веле, претставници на оваа организација изјавиле дека во наведените години во Северна Македонија се регистрирани 40 обиди за убиство на жени, додека 75 жени биле убиени.
Северна Македонија потфрла во превенцијата на фемицид
Марта Гусар, адвокатка која често ги застапува жртвите на семејно насилство, истакнува дека проблемот останува во превенцијата.
„Клучниот проблем во нашата држава е тоа што фемицидот не се спречува. Кога ќе се случи, веќе е предоцна. Истанбулската конвенција е документот од кој произлегува превенцијата. Институциите треба да го препознаат родово базираното насилство, да го разберат фемицидот и системски да го адресираат проблемот“, вели Гусар.
Убиствата на жени остануваат загрижувачки
„Статистиката покажува дека бројот на фемициди е висок, особено за држава со големина како Северна Македонија. Прашањето дали овој феномен се третира доволно сериозно во пракса, за жал, добива негативен одговор токму поради овие бројки“, додава Гусар.
„Доволно е да се земе случајот со Росица – оваа трагедија уште еднаш покажа дека суштинскиот проблем лежи во недоволната превенција и недоволното разбирање на родово базираното насилство“, нагласува таа.
Насилството има различни форми
Според активистите за правата на жените, неопходно е сите професионалци кои работат со случаи на родово базирано и семејно насилство да бидат обучени да ги препознаат сите форми на насилство, вклучително и психолошкото, социјалното и економското, а не само физичкото.
Често, кога жените пријавуваат насилство, се соочуваат со обесхрабрување во полициските станици. Има случаи кога им се кажува дека немаат доволно докази, дури и кога пријавите содржат елементи на кривичното дело „загрозување на сигурноста“.
Недоволни капацитети во засолништата
Дополнителен предизвик се капацитетите на засолништата за жртви на насилство, кои во Северна Македонија остануваат недоволни. Според официјалните податоци, бројот на легла изнесува само 37 отсто од капацитетот што државата треба да го обезбеди според бројот на жители. Од вкупно 67 легла на национално ниво, 19 се управувани од невладини организации.
Овој текст е објавен во соработка со Дојче Веле и е реализиран во рамки на проектот „Отпорност кон дезинформации во Северна Македонија“, поддржан од владата на Северна Рајна-Вестфалија.
Автор: Ардит Рамадани



