
Основното јавно обвинителство Велес соопшти дека за детето кое извади нож во ученичкиот дом „Лазар Лазаревски“ во Велес ќе биде поднесено барање за поведување подготвителна постапка.
Оттаму информираат дека до Обвинителството денеска е доставено писмено известување и дека веќе се преземаат дејствија за целосно испитување на настанот. Согласно досега утврдените околности, според Законот за правда за децата, до судијата за деца при Основниот суд во Велес ќе биде поднесено барање за поведување подготвителна постапка против едно дете за дело – „Загрозување со опасно орудие при тепачка и караница“.
Од Обвинителството додаваат дека, по целосното испитување на случајот, не е исклучена можноста постапката да се прошири и кон други лица.
Во врска со случајот, реакција имаше и од Центарот за социјални работи Велес, од каде што велат дека немаат надлежност да постапуваат за утврдување евентуална одговорност на ученичкиот дом, но нивни стручни работници биле вклучени во постапувањето со децата опфатени со настанот.
Од Центарот информираат дека биле повикани да обезбедат присуство на стручни лица за време на разговорите со децата, во случаи кога не можело да се обезбеди присуство на родител, бидејќи станува збор за деца од други градови.
„Стручните работници од ЈУ МЦСР Велес постапија и беа присутни во текот на разговорите помеѓу децата и инспекторите од МВР“, наведуваат од Центарот.
Според нивната изјава, со децата била реализирана и стручна и советодавна работа, при што тие биле запознаени со постапката, со одредбите од Законот за правда за децата, со нивните права, како и со можните мерки и постапки што можат да бидат преземени.
Од ЦСР Велес посочуваат и дека сите деца вклучени во настанот се од други места и градови, поради што биле испратени известувања до месно надлежните центри за социјална работа за понатамошно постапување.
„Тие се должни согласно Законот за правда за децата да преземат соодветни активности и мерки за помош и заштита на децата во ризик“, се наведува во одговорот.
Претходно, од МВР информираа дека случајот е пријавен и дека за него се известени обвинителството и надлежните институции.



