XВести

Сточар од Јаболци по 15 години останува без субвенции, поради спор околу теренска контрола

Сточар од селото Јаболци, општина Сопиште, тврди дека неправедно останал без субвенции, иако со години ги користел за одгледување крави. Според него, проблемот настанал при теренска контрола. Инспекцијата, како што вели, пристигнала подоцна од договореното.

Тој посочува дека контролата била закажана за 10 часот, но инспекторите дошле дури околу пладне. Во меѓувреме, добитокот бил изнесен од фармата, па при проверката не бил затекнат на лице место. Тоа, според сточарот, било клучно за одбивањето на субвенциите.

Бара повторна контрола во однапред договорен термин, убеден дека ги исполнува условите.

Но, од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој имаат поинаква верзија.

Од таму велат дека контролата била спроведена навреме и според процедурите. Според нивните податоци, службеното возило било на локацијата во Јаболци меѓу 10:15 и 10:45 часот.

Во тој период, како што наведуваат, на терен немало никој – ниту сточарот, ниту овластено лице кое би ја претставувало фармата.

Според правилата, објаснуваат од институцијата, доколку контролата е најавена, барателот мора да биде присутен или да обезбеди полномошник. Во спротивно, се смета дека контролата не е овозможена.

Токму тоа се случило и во овој случај. Контролата била закажана телефонски на 7 октомври 2025 година, а следниот ден инспекторите излегле на терен. Бидејќи никој не бил присутен, била составена службена белешка дека контролата не може да се спроведе.

Од Агенцијата додаваат дека направиле и дополнителни проверки – увид во GPS податоците од возилото и изјавите на контролорите кои, велат, ја потврдуваат нивната верзија.

Повторна контрола, сепак, нема да има.

„Постапката е завршена и предметот е веќе обработен“, велат од институцијата, додавајќи дека станува збор за апликација од програмата за 2025 година.

Во однос на тврдењата дека субвенциите се клучни за егзистенцијата на сточарот, од Агенцијата посочуваат дека нивната улога е да ги спроведуваат мерките, а не да одлучуваат за индивидуалната економска состојба.

Додека сточарот тврди дека станува збор за недоразбирање околу времето, институцијата останува на ставот дека сè било спроведено според правилата.

Related Articles

Back to top button