XВестиЛокално

Западен Балкан како засолниште за одбиени баратели на азил?

Земјите од Западна Европа ја разгледуваат можноста мигрантите да ги сместуваат во кампови на Западен Балкан. Земјите од регионот се под притисок да се прикажат како доверливи партнери на Европа, но на терен овие проекти се многу спорни.

На почетокот на декември 2025 година, британски медиуми како The Times објавија дека Обединетото Кралство разгледува испраќање на одбиени баратели на азил во „центри за враќање“ во Северна Македонија. Овие извештаи предизвикаа силни политички реакции и видливо противење во јавноста, со што темата за миграцијата повторно се најде во центарот на внатрешната политичка дебата.

Уште во мај 2025 година, кога беше потпишан договорот за стратешко партнерство меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија, кружеа гласини дека прашањата за миграцијата би можеле да бидат дел од него. Во декември, премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли овие тврдења, нарекувајќи ги шпекулации и лажни вести.

„Додека сум јас премиер, нема да се изгради ниту еден камп за илегални мигранти и нема да прифатиме ниту еден мигрант“, изјави тој.

„Екстернализација“ на миграциската политика

Според британските медиуми, договорот предвидувал мигрантите чии барања за азил се одбиени во Обединетото Кралство да бидат испратени во трети земји на Западен Балкан. Освен Северна Македонија, како можни земји се споменуваа и Косово и Босна и Херцеговина, на кои би им бил понуден финансиски надомест за секој прифатен мигрант.

Оваа практика е позната како „екстернализација“ на миграциската политика: контролата и управувањето со миграцијата се префрлаат во земји надвор од правниот систем на Европската Унија. Еден пример беше договорот од 2022 година меѓу Обединетото Кралство и Руанда, кој беше поништен по одлуката на Врховниот суд и промената на владата под Кир Стармер. Сега Западен Балкан сè повеќе се гледа како полигон за тестирање на нови модели.

Нееднакви односи на моќ

Клучен елемент е нееднаквиот однос меѓу земјите од ЕУ и оние од Западен Балкан. Додека европските земји се фокусираат на контрола и затворање на границите, земјите од регионот се соочуваат со притисок да ја докажат својата доверливост – често во замена за политички, безбедносни или економски придобивки.

Политикологот Флоријан Бибер истакнува дека вклучувањето на овие земји не е случајно: фактот што тие се надвор од правниот систем на ЕУ го олеснува преместувањето на мигрантите. Иако овие земји се кандидати за членство и го усогласуваат своето законодавство со ЕУ, тие не се дел од европскиот систем за азил.

Молкот на владите и јавниот страв

Миграцијата е многу чувствителна тема во општествата на Западен Балкан. Стравот дека регионот би можел да се претвори во „собирен камп“ за Европа е широко распространет, особено по затворањето на границите за време на кризата во 2015 година долж „балканската рута“.

Според Бибер, овој страв не произлегува само од ксенофобија, туку и од чувството на политичка инструментализација и губење на контролата. Проблемот дополнително се продлабочува поради недостигот од транспарентност: владите често даваат делумни информации, создавајќи простор за шпекулации и дезинформации.

Миграцијата како политичка алатка

Истражувачката на медиуми Олга Кошевалиска нагласува дека во македонските медиуми миграцијата често се прикажува сензационалистички, без доволен контекст, создавајќи перцепција за непосредна закана. На социјалните мрежи тоа се шири уште побрзо, радикализирајќи ја јавната дебата.

Во исто време, оваа тема се користи и како политички инструмент. Опозицијата во Северна Македонија ја користи за да ја обвини владата за предавство и да мобилизира протести. Се потсетува на 2017 година, кога вестите за можни кампови за мигранти доведоа до идеи за локални референдуми и големи тензии.

Косово отворено за соработка

За разлика од Босна и Херцеговина, која според извештаите го одбила британскиот предлог, премиерот на Косово, Албин Курти, покажал подготвеност за соработка во замена за безбедносна поддршка.

Косово има искуство со вакви договори: во 2021 година прими околу 1.900 Авганистанци во транзит кон САД, а подоцна постигна договор со Данска за користење на затвори за странски осуденици.

Сепак, експертите предупредуваат на преоптоварување. Политикологот Неџмедин Спахиу критикува дека одлуките често се носат од опортунистички причини, за да им се удоволи на стратешките партнери, без анализа на долгорочните последици.

Тој го оценува ставот на Курти како „сервилен гест кон стратешките сојузници“. Според него, лојалноста е важна, но не смее да ги надмине капацитетите на државата – во спротивно постои ризик Западен Балкан уште повеќе да се претвори во „периферија“ на европската миграциска политика.

Овој текст е објавен во соработка со Deutsche Welle и е реализиран во рамките на проектот „Отпорност кон дезинформации во Северна Македонија“, поддржан од владата на Северна Рајна-Вестфалија.

Related Articles

Back to top button