
Комисијата за заштита на конкуренцијата започна постапка за евентуално незаконски доделена
државна помош преку Програмата за инвестирање во животната средина за 2025 година во време
на ексминистерот Изет Меџити.
Постапката следува откако Комисијата во документацијата утврдила индиции дека дел од мерките
можеби се реализирале со распределба на пари без претходно донесено решение од нивна
страна.
Комисијата соопшти дека постапката е поведена врз основа на сопствени сознанија стекнати при
вршење на законските надлежности за контрола и надзор на државната помош.
„При разгледување на документација доставена од Министерството за животна средина во врска
со Програмата за инвестирање во животната средина за 2026 година, Комисијата утврди
околности кои упатуваат на потреба од дополнително испитување на реализацијата на мерки
содржани во Програмата за 2025 година. Имајќи ги предвид овие сознанија, како и одредбата од
член 18 од Законот за контрола на државната помош, Комисијата донесе Заклучок за поведување
постапка за оцена на евентуална незаконска државна помош и започна прибирање на релевантни
податоци и документација“, велат од институцијата.
Поконкретно, Комисијата посочува дека Министерството за животна средина и просторно
планирање во текот на 2025 година доставило известување за планирано доделување државна
помош.
Но, во постапката на претходно испитување министерството не ги доставило бараните
дополнителни информации и појаснувања. Поради тоа, Комисијата сметала дека известувањето е
повлечено, со што и воопшто не донела решение за дозволеност на мерки за државна помош.
Според Комисијата, од Програмата за 2026 година, произлегуваат индиции дека проекти и
активности одобрени според Програмата за минатата 2025 година биле реализирани, односно
дека биле распределени средства за нивна реализација.
„Имајќи предвид дека за предметните мерки не било донесено решение од Комисијата за заштита
на конкуренцијата, постојат сериозни сомневања дека евентуално е доделена државна помош
спротивно на член 13 од Законот за контрола на државната помош, односно дека може да станува
збор за незаконска државна помош“, рекоа од институцијата.
Постапката сè уште е во тек и дека засега не е донесен конечен заклучок ниту дали станува збор
за државна помош, ниту дали таа евентуално е доделена незаконски. Во оваа фаза не се познати
ниту точниот износ на пари, ниту бројот на корисници, бидејќи тие податоци допрва треба да се
утврдат по добивањето и анализата на побараната документација.
Министерството за животна средина веќе го добило заклучокот од Комисијата и е во постапка на
обезбедување на побараните информации и документација кои треба да бидат доставени до 10
јули.
„Во однос на наводите содржани во резимето на Комисијата, Министерството останува посветено
на целосна соработка со Комисијата и на обезбедување на сите потребни информации за
правилно утврдување на фактичката состојба“, рекоа од министерството.
Од таму информираат дека во 2025 година, преку предметната програма се доделени вкупно
околу 29 милиони денари. Од нив, 1,65 милиони денари се доделени на седум компании – правни
субјекти, во поединечни износи од 100.000 до 400.000 денари, додека останатите средства се
доделени на здруженија.
Автор: Петар Клинчарски



