XВести

Рачно изменет датум врз печатот — Аџипетров тврди дека е техничка грешка

Педагошката служба при Министерството за образование ги отфрла сите сомнежи за незаконитости во постапката за избор на учебникот по албански јазик за осмо одделение на издавачката куќа „Арберија Дизајн“, тврдејќи дека целиот процес бил спроведен согласно законските процедури и рокови.

Реакцијата следува по истражувањето на Портал Икс, во кое беа објавени сомнежи за компромитиран процес при изборот на учебникот, придружен со оставки од членови на Рецензентската комисија, контрадикторни оценки, рачно коригиран датум на документ и сомнежи за конфликт на интереси.

Во писмениот одговор до Портал Икс, директорот на Педагошката служба, Роберт Аџипетров, вели дека постапката сè уште не е завршена бидејќи незадоволната страна поднела жалба, а за законитоста ќе одлучува второстепен орган.

Еден од најспорните моменти во постапката беше рачната промена на датумот на документот со финалното мислење на Рецензентската комисија. Во документот, над архивскиот печат со датум 30 март, со пенкало е впишан датумот 26 март.
Директорот на педагошката служба, Аџипетров во врска со тоа вели дека станува збор за техничка грешка.

„Финалното мислење од Рецензентската комисија е уредно примено и заведено во писарницата на Министерството за образование и наука, односно не постои никаков фалсификат во однос на тоа прашање. Самото заведување на предметите го вршат овластени лица за водење на евиденцијата и за ракување со печатите и штембилите, така да датумот кој е запишан на предметот задолжително стои и во Деловодникот. При тоа евиденцијата е електронска, така да не е можно да се прават промени во датумите. Во конкретниот случај оригиналното мислење на Рецензентската комисија е доставено на 26.03.2026 година, но во истото е воочена техничка грешка (прецизно наведување на шифрите на ракописите кои мора да бидат точно наведени при што 06 и 6 иако се однесува за исти број е техничка грешка кога станува збор за шифра) која е корегирана и од сите членови на комисијата ново потпишаното мислење повторно е доставено до министерството.  Евентуалните исправки со пенкала се заради направена техничка грешка, но во секој случај во електронската евиденција точно е евидентиран датумот кога е примен Збирниот извештај, а тоа е датумот 26.03.2026 година. За сето ова има и уредни докази во министерството“, се вели во одговорот.

Сепак, останува нејасно зошто само на тој документ има „техничка грешка“ во датумот.

Двајца од тројцата членови на Рецензентската комисија — Емине Шабани и Арлинд Фаризи се повлекле од процесот и побарале прекин на постапката. Во нивниот заеднички став тие наведоа дека оставката подразбира и повлекување на професионалното мислење, со цел да се изземат од каква било одговорност во процесот.

„Ние, како членови на рецензентската комисија, ја поднесовме нашата оставка на јасен и документиран начин, што подразбира и повлекување од професионалното мислење“, наведоа рецензентите.

Но, Педагошката служба тврди дека во доставените изјави никаде не стоело дека се повлекува и рецензентското мислење.

„Мислењето на Рецензентската комисија, кое е потпишано на 26 март, веќе е евидентирано во Министерството. Со тоа членовите на комисијата ја завршиле работата за која биле ангажирани и за која ќе добијат надомест“, стои во реакцијата.

Според Процедурата за начинот на спроведување на постапката за одобрување учебници преку јавен конкурс, Рецензентската комисија може да продолжи со работа само доколку се повлече еден член, кој потоа се заменува со друг рецензент.

Во однос на можниот конфликт на интереси на единствената рецензентка Лирије Даути со Дашмир Адеми, основач на издавачката куќа „Арберија Дизајн“, директорот изјави дека Педагошката служба не е надлежна да утврдува дали некој од членовите е во конфликт на интереси.

Според него, доколку некој член има конфликт на интереси со една од страните, тој самиот треба да го пријави тоа и да се повлече од постапката.

Дополнително, во врска со сите сомнежи што се отвораат околу процесот, директорот Аџипетров го упати Порталикс случајот да го пријави до надлежните институции.

Автор: Кристина Ивановска

Related Articles

Back to top button