XВести

Оставени на цедило: Над 200 корисници без „Помош и нега во домот“ во Скопје и Струмица

Иако институциите меѓусебно ја префрлаат одговорноста, корисниците остануваат без неопходната помош што секојдневно ја добивале во своите домови. Дел од нив зависат од негуватели за основни активности, како хигиена, подготовка на храна, движење и набавка на лекови.

Над 200 корисници на услугата „Помош и нега во домот“ во Скопје и Струмица останаа без поддршка откако на 12 мај годинава истече лиценцата на Црвениот крст за обезбедување на услугата. Корисниците, кои се особено чувствителна категорија граѓани и зависат од помош при извршување на основните дневни активности, во петокот, на 15 мај, биле известени дека тој ден нема да добијат помош од негувателите и волонтерите на Црвениот крст, бидејќи лиценцата не била обновена, оставајќи ги семејствата во неизвесност и без објаснување како понатаму ќе се организира грижата за нивните најблиски.

Од Црвениот крст велат дека до овој момент немаат информација дека услугата или соработката со Министерството за социјална политика, демографија и млади целосно ќе престане, но потврдуваат дека лиценцата за обезбедување на услугата „Помош и нега во домот“ истекла на 12 мај 2026 година во Скопје и Струмица.

„Документацијата за продолжување беше навремено доставена. Постапката за обновување на лиценците е во тек и очекуваме нејзино финализирање“, велат од Црвениот крст.

Според нив, преку Црвениот крст на град Скопје и Општинската организација на Црвен крст во Струмица со услугата биле опфатени вкупно 212 корисници. Во реализацијата биле ангажирани 81 негувател и локални координатори кои поминале соодветни обуки и практична подготовка за обезбедување грижа и поддршка во домашни услови.

Од организацијата додаваат дека според информациите со кои располагаат, се очекува нов јавен повик за финансирање на социјалните услуги во овие две средини и институционално решение кое ќе овозможи континуитет на услугите. Сепак, засега нема конкретен рок кога услугата повторно би се воспоставила.

„Во однос на корисниците Црвениот крст останува во комуникација со нив и со нивните семејства. Во овој период се прават напори да се надмине преодната состојба до завршување на административните процедури, имајќи предвид дека станува збор за особено чувствителна категорија граѓани на кои оваа поддршка им е од суштинско значење“, наведуваат од Црвениот крст.

Од Министерството за социјална политика, демографија и млади, пак, велат дека годинава биле објавени јавни повици и конкурси за обезбедување социјални услуги, а во рамки на тие постапки досега биле склучени вкупно 113 управни договори со даватели на социјални услуги и општини.

Според Министерството, со склучувањето на управните договори државата ја менува улогата од директен давател на услуги во регулатор, финансиер и контролор на нивното обезбедување, додека лиценцираните даватели и општините се тие што се во директна комуникација со корисниците.

Министерството потврдува дека на почетокот на годината склучило управен договор со Црвениот крст на град Скопје за обезбедување на услугата „Помош и нега во домот“, но договорот бил со важност до истекот на лиценцата, односно до 12 мај 2026 година.

Сепак, од Министерството вината за прекинот на услугата ја лоцираат кај давателот на услугата, односно Црвениот крст.

„Постапката за обновување на лиценцата не беше завршена навремено, поради недоставување на целокупната потребна документација од страна на давателот на услугата, согласно законските и подзаконските прописи“, велат од Министерството.

Иако институциите меѓусебно ја префрлаат одговорноста, корисниците остануваат без неопходната помош што секојдневно ја добивале во своите домови. Дел од нив зависат од негуватели за основни активности, како хигиена, подготовка на храна, движење и набавка на лекови.

Во однос на поплаките дека корисниците биле известени во последен момент дека услугата прекинува, од Министерството посочуваат дека во иднина ќе бараат навремено и транспарентно информирање од страна на давателите на услугите.

„Во поглед на прашањето за ненавременото известување на корисниците ќе биде побарано во иднина навремено и транспарентно известување од страна на давателот на услугата за сите понатамошни чекори и можности за продолжување на услугата“, се вели во одговорот на Министерството.

Оттаму додаваат дека се свесни за значењето на услугата, особено за корисниците кои зависат од поддршката на негувателите за извршување на секојдневните активности.

„Министерството во координација со надлежните институции и давателот на услугата работи на изнаоѓање најсоодветно решение во најкус можен рок“, наведуваат од Министерството.

Related Articles

Back to top button