Мигрант се самоубил во центарот за азил во Визбегово – зошто има недостиг на лекари издравствена грижа на терен?

Минатата недела на 28 јуни, 53-годишен мигрант од Пакистан си го одземал животот во
кругот на Прифатниот центар за баратели на право на азил во Визбегово, дознава ПорталХ.
Од Министерството за социјална политика, демографија и млади, под чија капа е
Центарот, потврдуваат дека е регистриран смртен случај на барател на азил сместен во
Визбегово. Веднаш биле повикани надлежни институции, Итна медицинска помош и МВР.
„За утврдување на околностите и причините на настанот се надлежни органите на истрага
на кои ние како Министерство заедно со Прифатниот центар им стоиме на располагање со
целокупната документација и информации со кои располагаме. По настанот веднаш беа
известени надлежните институции. Министерството и Прифатниот центар обезбедуваат
целосна соработка во текот на постапката“, велат од министерството.
Но, приказната добиа поинаква тежина ако се земе во предвид и здравствениот момент на
починатиот.
Мигрантот од Пакистан е префрлен во Визбегово од Транзитниот центар Табановце кој
служи како прифатен центар за мигранти и баратели на азил во близина на македонско-
српската граница.
Неговото сместување во Визбегово според протоколите треба да биде
придружено со медицинска потврда за неговата здравствена состојба од кој центар и да
доаѓа. Според информации од терен, уште при престојот во Табановце во разговор со
доктор, кај него било нотирано нарушено психичко здравје.
Информациите на ПорталХ говорат дека во рамки на Прифатниот центар во Визбегово
нема доктори кои можат да им пружат здравствена и психолошка поддршка на
мигрантите.
Прашавме во министерството дали тие и Прифатниот центар во Визбегово
биле известени за медицинската историја на Пакистанецот при неговиот трансфер од
Табановце и зошто Центарот во Визбегово функционира без постојан дежурен лекар или
медицински тим за 24-часовен надзор. Конкретен одговор не добивме.
„Сместувањето на барателите на азил во Прифатниот центар се врши врз основа на
решение на надлежниот Центар за социјална работа, согласно Законот за социјална
заштита. При приемот на корисникот се прима и расположливата документација што го
придружува предметот, согласно утврдените процедури. Поради законската обврска за
заштита на личните податоци и доверливоста на здравствената документација,
Министерството не може да коментира информации што се однесуваат на здравствената
состојба на конкретно лице“, одговорија од министерството.
Но, од таму не даваат ниту конкретно образложение како Министерството ја оправдува
практиката Прифатниот центар во Визбегово да функционира без постојан лекар, со оглед
на тоа што таму се сместуваат ранливи категории граѓани и баратели на азил со тешки
трауми.
„Прифатниот центар е установа за сместување и социјална заштита на баратели на азил.
Законот за социјална заштита предвидува обезбедување здравствена заштита на
корисниците согласно нивните потреби, додека здравствените услуги се обезбедуваат
преку надлежниот здравствен систем и здравствени установи. Прифатниот центар
постапува согласно законските надлежности и воспоставените процедури за
обезбедување пристап до здравствена заштита“, велат од социјална политика.
На прашањето какви итни мерки ќе се преземат за да се обезбеди континуирана
медицинска и психолошка помош во објектот по овој трагичен настан, од ресорот со кој
раководи Фатмир Лимани велат дека ќе ги разгледаат наодите од надлежните органи и
доколку има основ ќе преземат мерки за унапредување на системот.
Автор: Петар Клинчарски



