Portali X
Што откри PortaliX

Од осуденик до лично обезбедување на премиерот: Кој го проверувал Оливер Станковски?

Од боксерски ринг, во затвор, а од затвор во лично обезбедување на премиерот Христијан Мицкоски – вака изгледа професионалниот пат на новоименуваниот директор на Шутка, Оливер Станковски.

1 min 393
Од осуденик до лично обезбедување на премиерот: Кој го проверувал Оливер Станковски?

Новоименуваниот директор на затворот во Шутка, Оливер Станковски на директорската функција доаѓа од Шестата управа, каде што бил ангажиран во Одделот за заштита на определени личности и објекти. Во рамките на својата работа, тој бил дел и од тимот за непосредно обезбедување на премиерот Христијан Мицкоски.

Според сознанијата на ПорталиX, Станковски уште во 1998 година бил во притвор за кривичното дело „Грабнување“, а во декември 2006 година започнал со издржување на затворска казна. Во февруари 2007 година, од безбедносни причини, бил префрлен во затворското одделение во Крива Паланка.

Дека истото лице издржувало затворска казна и за други дела се потврдува и со Одлуката за помилување, објавена во „Службен весник“ во декември 2016 година. Тогашниот претседател Ѓорге Иванов му го скратил натамошното издржување на казната за четири месеци.

Ангажманот на Станковски во обезбедувањето на премиерот отвора прашања за безбедносните проверки и критериумите според кои бил распореден на оваа позиција.

Од МВР очекуваме објаснување дали при неговото распоредување институцијата располагала со информации за неговата претходна осуда, дали таа била земена предвид при безбедносната проценка и дали Станковски поседувал соодветен безбедносен сертификат.

Дополнително, според сознанијата на ПорталиX, против Станковски постои пријава поврзана со наводна злоупотреба на службено возило. Актуелниот статус на случајот е предмет на дополнителна проверка.

ПорталиX повторно се обиде да стапи во контакт со Станковски за да ја добие неговата страна, но тој не одговори на нашите телефонски повици.

Инаку, Станковски на директорската функција беше именуван пред само пет дена, по оставката на дотогашниот директор Бобан Утковски, далеку од медиумите и без соопштение до јавноста.

Сподели

Слични