Според информациите до кои дојде ПорталиX, неговиот случај датира уште од 1998 година, кога бил во притвор за кривичното дело „Грабнување“.
Години подоцна, во декември 2006 година, Станковски започнал со издржување затворска казна, а во февруари 2007 година, од безбедносни причини, бил префрлен во затворското одделение во Крива Паланка, каде што останал до април.
Неговото име повторно се појавува во официјален документ во 2016 година.
Во „Службен весник“ бр. 222 од 28 декември 2016 година, во Одлуката за помилување на осудени лица на тогашниот претседател Ѓорге Иванов, под реден број 21 е наведен „Оливер Бранко Станковски од Куманово“. Со одлуката тој бил делумно ослободен од натамошно издржување на затворската казна во траење од четири месеци.
Речиси три децении по првиот притвор, Станковски сега е назначен да раководи со затвор.
Но, тука не завршуваат информациите до кои дојде ПорталиX. Според нашите сознанија, против Станковски постои и пријава поврзана со наводна злоупотреба на службено возило. За нејзиниот актуелен статус ПорталиX ќе побара официјални информации од надлежните институции.
Пред две години Владата постапи поинаку
Случајот потсетува на именувањето на Ибрахим Ељези во јули 2024 година. Тој беше предложен за в.д. заменик-директор во затворскиот систем, но откако во јавноста се појавија информации дека претходно издржувал затворска казна, Владата соопшти дека по извршени „дополнителни проверки“ предлогот не бил прифатен и Ељези не стапи на функцијата.
Токму затоа, случајот со Станковски отвора едно клучно прашање: Што покажале проверките овојпат?
Дали Владата знаела за неговата претходна осуда и помилувањето пред да го назначи за директор на КПУ Затвор Скопје? Дали при проверките располагала и со информациите за пријавата поврзана со службеното возило? И зошто претходната затворска казна доведе до повлекување на кадровското решение во случајот со Ељези, а овојпат не беше пречка за именување?
ПорталиX се обиде да стапи во контакт и со Станковски за да добие одговор за овие информации, но до објавувањето на текстот тој не одговори на нашите телефонски повици.
ПорталиX ќе побара одговори и од Владата и од Управата за извршување на санкциите.






