Ја знае сумата, но не и точната намена на спонзорството добиено од Државна лотарија. Речиси идентичен одговор даде Бобан Милошевски во име на неговата ќерка Миа Милошевска, чија фирма „СТАРДАСТ“ добила спонзорство од Државна лотарија само два месеца пред да биде избрана за организација на прославата по повод 35 години од независноста на Македонија.
„Знам точно. Тие 1,85 милиони денари се дадени за неколку комерцијални концерти што ги организиравме ние. Искрено, во моментов не се сеќавам за кои концерти станува збор“, одговори Бобан Милошевски.
Одговорот е речиси идентичен со оној што неговата ќерка Миа претходно го даде за ПорталиX во рамки на истражувањето за спонзорствата и донациите на Државна лотарија – дека во моментот не се сеќава за што точно се добиени парите и дека мора да провери. Одговорот што тогаш го најави, до денес не го добивме.
На прашањето на ПорталиX, во кое својство и колку се смета за компетентен да зборува во име на компанијата на неговата ќерка, Милошевски рече дека „СТАРДАСТ“ го ангажирала како креативец за реализација на проектот.
„Јас можам да зборувам во име на СТАРДАСТ затоа што дозволив СТАРДАСТ да ги користи името и логото на Avalon International Booking. Ангажиран сум од СТАРДАСТ како креативец за реализација на овој проект“, изјави Милошевски.
И покрај фактот што Миа Милошевска фигурира како сопственичка на компанијата „СТАРДАСТ“ и што исплатата од 4,9 милиони евра за организација на програмата е наменета токму за оваа компанија, додека „Авалон“ го отстапил само своето име. Иако нејзината компанија е носител на милионскиот проект, Милошевска досега не се појави во јавноста на ниту една од прес-конференциите организирани заедно со претставници на Владата.






