Во луксузна атмосфера и со организација која по своите размери беше претставена како грандиозна, на 9 мај петте партии од коалицијата ВРЕДИ го прогласија своето обединување во една единствена партија.
Иако беше соопштено дека на конгресот присуствувале 850 делегати, а раководната функција им беше доверена на Изет Меџити и Билал Касами како копретседатели, петте политички субјекти всушност не се споија во една партија. Така, 9 мај означи обединување кое, барем во формална и организациска смисла, не успеа да ја надмине рамката на свечената церемонија.
Шест месеци по таканаречениот Конгрес на обединувањето, ВРЕДИ сè уште не ја започнал постапката за формирање и регистрација на нов политички субјект. Таква партија, во правна смисла, не постои, а досега не се преземени конкретни чекори за нејзино основање. Напротив, според податоците од Централниот регистар, политичките субјекти што ја сочинуваат коалицијата ВРЕДИ и понатаму се активни и функционираат независно еден од друг.
Во периодот кога беше прогласено обединувањето, ставовите на двајцата избрани копретседатели, Изет Меџити и Билал Касами, беа јасни и цврсти во поддршка на спојувањето на партиите. Во својот говор на конгресот, Касами истакна дека обединувањето не смее да остане само формално.
„ВЛЕН не треба да биде само обединување на партии. Ако остане само на тоа, тогаш не сме направиле ништо“, изјави тогаш Касами.
Но, шест месеци подоцна, она што беше претставено како неповратен процес на политичко обединување и понатаму отвора прашања. Зошто процесот не се материјализираше во еден единствен политички субјект и кои се причините што го спречија преминот од политичка одлука кон формално обединување?
И покрај тоа што формално продолжуваат да постојат како одделни субјекти, во јавноста претставниците на ВРЕДИ се претставуваат како дел од една партија. На прашањето на ПорталиХ дали ваквата неусогласеност може да се смета за форма на манипулација со електоратот и јавноста, од ВРЕДИ велат дека отсуството на формална регистрација не ја доведува во прашање политичката одлука за обединување.
Според нивниот одговор, политичката одлука за обединување и формалната регистрација се два одделни чекора, но тоа, како што наведуваат, на никаков начин не го минимизира процесот на трансформација во една партија.
„Транзицијата од составните партии кон една единствена партија бара време, но централното претседателство и политичкиот актив веќе одржуваат редовни состаноци, на кои носат одлуки и креираат политики“, се наведува во одговорот на ВРЕДИ.
Сепак, информациите до кои дојде ПорталиХ преку разговори со претставници на партиите што ја сочинуваат коалицијата фрлаат поинаква светлина врз начинот на кој функционира внатрешната организација. Според нивните информации, партиите и понатаму редовно одржуваат одделни состаноци со своите раководства и соодветните ограноци, додека поканите за овие средби им се испраќаат директно од политичките субјекти на кои им припаѓаат.






