Фирмата „ И-ПОИНТ МАРКЕТИНГ ДООЕЛ Тетово“, сопственост на Менсур Алити, добила тендери во вредност од близу 6 милиони денари, додека според податоците од „Отворени финансии“, на нејзина сметка се исплатени речиси 8 милиони денари од јавни институции. Тендерите продолжиле и во периодот кога Алити бил член на Управниот одбор на Агенцијата за филм.
Од набавка на новогодишни пакетчиња и училишни материјали, преку услуги за печатење и копирање, па сè до закупување рекламен простор и организирање вонучилишни активности. Ова се дел од услугите за кои фирмата „И-Поинт маркетинг“, сопственост на Менсур Алити, добивала пари од државни институции.
Алити е поранешен член на Управниот одбор на Агенцијата за филм, донатор на политичката партија Беса, предводена од градоначалникот на Тетово и еден од лидерите на ВЛЕН, Билал Касами, а е поврзан и со Стопанската комора на Северозападна Македонија.
Според податоците што ги анализираше ПорталиХ, неговата фирма во изминатиот период склучила договори со повеќе општини, училишта, министерство и други јавни институции, претежно во Тетово, Желино и Чаир.
Од мали исплати до милионски тендери
Во јуни 2024 година, според достапните податоци, се евидентира исплата кон „И-Поинт маркетинг“ од основното училиште „Ѓоце Стојчески“ во Тетово, за набавка на административни материјали.
Неколку месеци подоцна, во ноември истата година, фирмата добива тендер од Општина Тетово, предводена од Билал Касами, за услуги за печатење и копирање.
Оттогаш, според анализираните податоци, фирмата добива договори за различни услуги, од набавка на материјали и маркетинг до активности поврзани со образованието.
Меѓу институциите со кои соработувала се училишта од Тетово, Желино и Чаир, како и општините Тетово, Теарце и Желино.
Договори и исплати се евидентирани и од Министерството за
односи меѓу заедниците, како и од неколку национални установи во Тетово.
Тендерите продолжиле и додека бил член на Управниот одбор на Агенцијата за
филм
Она што го отвора прашањето за можен судир на интереси е фактот дека фирмата продолжила да добива јавни договори и во периодот кога нејзиниот сопственик бил дел од Управниот одбор на Агенцијата за филм.
Во тој период Алити учествувал и на официјални средби со претставници на Министерството за култура, меѓу кои и со Седат Сулејмани.
Според податоците за јавните набавки, вкупната вредност на тендерите што ги добила „И-Поинт маркетинг“ достигнува близу 6 милиони денари, односно околу 100 илјади евра.
Но, тендерите не се единствениот начин на кој фирмата добивала средства од јавниот сектор.
Податоците од платформата „Отворени финансии“ покажуваат дека вкупните исплати кон „И-Поинт маркетинг“ се повисоки од вредноста на идентификуваните тендери.
Според анализата на ПорталиХ, на сметката на фирмата по различни основи се исплатени речиси 8 милиони денари, односно околу 128 илјади евра.
Тоа значи дека, покрај договорите склучени преку постапки за јавни набавки, се вршеле и други исплати од јавни институции.
Донатор на Беса со 3.000 евра и добитник на конкурсот за изработка на логото на општина Тетово
Покрај деловните односи со јавните институции, Алити има и финансиска поврзаност со политичката партија Беса.
Според податоците што ги поседува ПорталиХ, во 2023 година Алити донирал 3.000 евра на Беса, партијата предводена од Билал Касами.
Токму Општина Тетово, со која раководи Касами, е меѓу институциите што склучувале договори со фирмата на Алити.
Сепак, истовременото извршување јавна функција и добивањето договори со јавни институции, очигледно, не претставува проблем за Алити. Во 2023 година, додека бил вработен во кабинетот на градоначалникот на Тетово, Билал Касами, токму неговата фирма победила на конкурсот за изработка на новото лого на градот.
Алити: Изработувавме пакетчиња, церади и други услуги
ПорталиХ го контактираше Менсур Алити за да побара објаснување за договорите, исплатите од јавните институции и неговата функција во Агенцијата за филм.
Во разговорот, Алити не гледаше ништо спорно во тоа што неговата фирма добивала јавни договори во периодот кога тој бил член на Управниот одбор на Агенцијата за филм, ниту во неговата претходна донација за Беса.
Тој објасни дека неговата фирма извршувала и услуги што не се директно поврзани со маркетингот.
Како примери ги наведе набавката на пакетчиња за училиштето „Васил Главинов“ во Чаир и изработката на церада за училиштето „Ѓоце Стојчески“ во Тетово.
Редакцијата му испрати и прашања по електронска пошта, барајќи дополнителни објаснувања за добиените средства и реализираните услуги, но до објавувањето на текстот не добивме писмен одговор.






