На институциите им се потребни месеци, а можеби и години, да утврдат промена на материјална состојба на корисниците на права од детска и социјална заштита
Поради ненавремено утврдување на промените во материјалната состојба на корисниците на права од детска и социјална заштита, граѓаните се соочуваат со долгови за средства што претходно им биле исплатени од државата.
Авторка: Бојана Спасовска
Самохрана мајка на две малолетни деца, која примала детски додаток во износ од 1.500 денари месечно, речиси една година не знаела дека правото ѝ е прекинато, ниту дека има обврска да врати речиси 30 илјади денари.
За престанокот на правото на детски додаток дознала речиси една година подоцна
Откако забележала дека средствата повеќе не ѝ се исплаќаат, самата се обратила во Центарот за социјална работа за да провери дали треба повторно да поднесе документација. Наместо објаснување, ѝ било дадено решение за престанок на правото, донесено во ноември 2025 година, со кое било утврдено и дека треба да врати 29.456 денари за детскиот додаток исплатен во периодот од септември 2024 до октомври 2025 година.
„Немав никакво објаснување што се случува, само ми го дадоа решението. Потоа го прочитав дека сум имала престанок и дека треба да враќам пари на државата“, вели мајката.
Според законските критериуми, тричлено семејство со самохран родител може да оствари право на детски додаток доколку неговите приходи не го надминуваат утврдениот праг од 21.080 денари. Надминувањето на овој износ може да доведе до губење на правото на додаток.
Мајката тврди дека престанокот на правото не бил утврден навреме, иако во меѓувреме се вработила и го надминала приходниот праг. Дополнително, според неа, решението не ѝ било доставено, па за престанокот на правото и обврската за враќање на средствата дознала дури откако самата се обратила во Центарот.
Таа се грижи и за својата мајка, која нема никакви примања. Со една плата треба да ги покрие потребите на четири лица, да плаќа кирија, сметки и кредити.
„Нема мајка ми никакви примања, трипати е вратена од социјалното за туѓа нега. Немаме помош од нигде никаде, освен јас што работам, тоа ми е за кирија, за сметки, за кредити“, вели таа.
Дополнително, во 2021 и во 2025 година поднесувала барање за социјален стан, но досега не добила решение за своето станбено прашање.
Од Центарот за социјална работа побаравме објаснување за начинот на доставување на решението, утврдувањето на долгот и причините поради кои исплатата на детскиот додаток не била прекината порано.
Од Центарот за социјална работа во Кисела Вода, велат дека решенијата ги доставуваат по пошта со препорачана пратка со доставница на последната пријавена адреса на живеење на корисникот.
Оттаму велат дека правото на детски додаток се преиспитува редовно по службена должност преку размена на податоци со надлежните институции. Доколку се утврди дека вкупните приходи на семејството го надминуваат законски утврдениот праг, правото престанува.
Дополнително тие се повикуваат на Законот за заштита на децата, според кој корисникот е должен да ја пријави секоја промена на материјалната состојба која влијае на остварувањето на правото во рок од 15 дена. Доколку не го стори тоа и прима средства на кои нема право, институцијата носи решение за поврат на неосновано исплатените средства за периодот во кој не биле исполнети условите.
Оваа законска обврска ги ‘’штити’’ институциите, но корисниците мора да бидат известени за своите законски обврски.
И прашање е како доколку надлежните институции редовно се кординираат и ги разменуваат податоците, корисниците се соочуваат со долгови за периоди подолги од една година?
Министерството ги анализира слабостите во системот за следење на приходите на корисниците
Од Министерството за социјална политика, демографија и млади побаравме објаснување зошто промените во материјалната состојба на корисниците не се утврдуваат навремено, поради што продолжуваат исплатите и се создаваат долгови за граѓаните.
Оттаму признаваат дека постојат предизвици во постојниот систем и дека се работи на анализа на механизмите за остварување и следење на правата од детска и социјална заштита.
„Анализите се насочени кон идентификување на слабостите во постојните законски и административни механизми, унапредување на размената на податоци меѓу надлежните институции, како и разгледување можности за воспоставување поефикасен систем за навремено утврдување на промените во материјалната и имотната состојба на корисниците“, велат од Министерството.
По завршувањето на анализите, ќе се разгледуваат можни законски, институционални и системски мерки за надминување на утврдените недостатоци.
Но, додека институциите ги анализираат слабостите на системот, граѓаните веќе добиваат решенија за враќање средства за кои, според нивните тврдења, не знаеле дека ги примаат неосновано.
Приходниот праг е понизок од минималната плата, а висината на детскиот додаток останува ниска
Проблемот не е само во ненавременото прекинување на исплатите, туку и во самите критериуми за остварување на правото на детски додаток.
Приходниот праг од 21.080 денари за тричлено семејство со самохран родител е понизок од минималната плата. Тоа значи дека вработување со минимална плата може да доведе до губење на правото на детски додаток.
Од Министерството посочуваат дека законската регулатива не предвидува автоматско усогласување на приходните прагови со растот на минималната плата или инфлацијата. Праговите се утврдени со законска методологија преку примена на еквивалентна скала, која ја зема предвид големината на домаќинството и дополнителниот коефициент за самохран родител.
Покрај приходниот праг, прашање е и колкава поддршка обезбедува самиот детски додаток. За едно дете месечниот износ се движи од 1.000 до 1.200 денари, додека за две или повеќе деца изнесува од 1.600 до 1.900 денари, зависно од возраста на децата.
Основните износи на детскиот додаток не се изменети од 2019 година. Законот за заштита на децата предвидува нивно усогласување со порастот на трошоците на живот за претходната година. Од Министерството, пак, велат дека усогласувањето се врши согласно податоците што Државниот завод за статистика ги објавува во јануари за тековната година.
Долг од речиси 200 илјади денари за мајка на три деца
Ова не е единствен случај во кој корисници на права од детска и социјална заштита се соочуваат со долгови поради исплатени средства.
Билјана Тошевска од Скопје, мајка на три деца, во 2024 го остварува правото на родителски додаток за трето дете.
Во јануари 2025 година се вработува, но во јули 2026 година забележува дека не и се исплаќаат средства. По обраќањето во Центарот за социјална работа, од неа биле побарани потврда за вработување, банкарски извештај со податоци за исплатената плата, како и потврда дека нејзиниот сопруг не е вработен.
По повторната посета на Центарот, ѝ било кажано дека повеќе нема право на родителски додаток и дека ќе мора да ги врати средствата што ги примила.
Според нејзиното сведоштво, вработениот ѝ покажал кон бирото, на кое имало купишта папки, и ѝ рекол дека сите тие корисници ќе треба да ги вратат средствата.
Решението за престанок на правото на родителски додаток за трето дете со обврска за враќање на средства го добила пред околу две недели, иако престанокот на правото е утврден од 01 јули 2026 година.
Станува збор за долг од околу 200 илјади денари за периодот од 1 јануари 2025 година до 30 јуни 2026 година.
Билјана смета дека институциите требало навреме да ја утврдат промената во нејзината материјална состојба и да ја прекинат исплатата, наместо по подолг период да ѝ утврдат обврска за враќање на средствата.
,,Прашање е зошто мене никој не ми кажа, кога ќе се вработам дека треба да пријавам во Центарот за социјална работа. Како може во 21 век, кога сè е дигитализирано, да не видат дека сум вработена и да ме известат веднаш? Или тогаш да ги прекинат примањата за трето дете? За што седат таму, за да можат на нас да ја префрлат вината?’’ вели таа.
Дополнително, Билјана посочува дека со една вработена личност во петчлено семејство не може да издвои речиси 200 илјади денари за враќање на средствата, без да ги загрози основните потреби на своите деца.
„Еве за мене, како јас сега со еден вработен, а петчлено семејство, да одвојам за да ги вратам тие пари? Нека ми каже Министерот во лице кое од моите три деца да го оставам без леб за да го наполнам буџетот со пари? Не можам, и за сите три ме боли исто“, вели Билјана.
Таа бара од Министерството да ја исправи грешката кон семејствата што се соочуваат со вакви долгови и да се преиспитаат критериумите за остварување на правото.
Остварувањето на правото на родителскиот додаток за трето дете е условено од приходите на семејството
Сличен проблем со приходните критериуми постои и кај родителскиот додаток за трето дете, кој се исплаќа во период од десет години.
Согласно измените на Законот за заштита на децата од 2019 година, од 23 март 2020 година, правото на родителски додаток за трето дете се остварува зависно од материјалната состојба на семејството. Согласно законските критериуми, вкупниот просечен приход на семејството на мајката по сите основи во последните три месеци пред поднесувањето на барањето, како и во текот на користењето на правото, треба да биде понизок од минималната нето-плата утврдена за претходната година.
Со оваа законска измена, остварувањето на правото е условено од приходите на семејството, што значи дека нивното зголемување може да доведе до губење на финансиската поддршка.
Основниот месечен износ на родителскиот додаток за трето дете е утврден на 8.048 денари, со законска обврска за годишно усогласување според порастот на трошоците на живот.
Ревизорите утврдиле слабости и во постапките за враќање на средствата
Проблемите со ненавременото следење на корисниците и враќањето на неосновано исплатените средства не се само индивидуални тврдења.
Државниот завод за ревизија, во извештајот за исплатата на правата од социјална заштита, со ревизијата го опфатил периодот од 2022 година до јуни 2025 година. Ревизорите утврдиле слабости во контролите и размената на податоци меѓу институциите, како и недоволна навременост во проверката на податоците за корисниците.
Ревизорите утврдиле и слабости во постапките за враќање на неосновано исплатените средства. Министерството нема донесено јасни упатства и процедури за склучување и следење на спогодбите за враќање на долгот, поради што центрите за социјална работа различно ги утврдуваат роковите, бројот и висината на ратите. Дополнително, најголем дел од центрите немаат воспоставено уредна евиденција за побарувањата и наплатата.
Двата случаи покажуваат колку сериозни можат да бидат последиците од ненавременото институционално постапување за семејствата со ниски приходи. Додека институциите ги анализираат слабостите на системот и најавуваат можни законски измени, граѓаните се соочуваат со обврски што можат дополнително да ја загрозат нивната материјална сигурност.






