Владата предлага нов Закон за правична застапеност – без квоти, без казни
Законот што го заменува Балансерот ќе оди во Собрание во вторник; етничката припадност ќе биде доброволна, а застапеноста ќе ја следи политичко тело без овластувања за санкционирање.

Владата го подготви Законот за соодветна и правична застапеност, кој се очекува да влезе во собраниска процедура во вторник, како замена за Балансерот кој овозможуваше вработување на Албанците и другите помали етнички заедници во Северна Македонија. Според текстот кој што сеуште не е официјално објавен од Владата, тие што сакаат да се вработат во државната администрација со новиот закон нема да бидат обврзани да ја изјават својата етничка припадност, додека вработувањата во државните институции ќе се планираат според процентите од последниот попис.
Член 6 од Законот вели:
Слободно изјаснување на припадноста
Член 6
“(1) Секој граѓанин има право слободно да се изјасни за својата припадност кон која било заедница во државата. Ова право се остварува индивидуално или заедно со други граѓани кои припаѓаат на иста или на друга заедница, без никаква принуда.
(2) Изјаснувањето за етничка припадност е доброволно.
(3) Граѓанинот има право да не се изјасни за припадноста кон која било заедница. Неизјаснувањето на граѓанинот не може да влијае врз остварувањето на неговите права и слободи, или врз неговата положба во државата.
(4) Слободното изјаснување на припадноста на граѓаните може да биде условено со објективни критериуми со цел спречување на злоупотреба од арбитрарно изјаснување”.
За да се обезбеди соодветна застапеност, ќе се формира Координативно тело со кое ќе раководи заменик-претседател на Владата, а ќе биде составено од министри, агенции, Народниот правобранител и други надлежни лица со капацитет да предлагаат политики и да бараат конкретни податоци за застапеноста. Но ова тело, според предвиденото во законот, нема овластување да ги санкционира тие што не го почитуваат принципот на правична застапеност. Единствениот механизам е јавната отчетност, бидејќи институциите се обврзани да доставуваат податоци и да известуваат за преземените мерки, но без да постои страв од санкции.
Следење и анализа на состојбите во однос на соодветната и правичната застапеност
Член 10
“(1) Координативното тело, во соработка со Агенцијата, редовно го следи и анализира спроведувањето на мерките и активностите за обезбедување на соодветна и правична застапеност. За таа цел, најмалку еднаш годишно подготвува извештај кој се доставува до Владата.
(2) На барање на Координативното тело, сите надлежни органи се должни, во рок од 30 дена од приемот на барањето, да достават податоци и информации поврзани со состојбата со застапеноста на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.
(3) Податоците и информациите од ставот (2) особено содржат:
– статистички податоци за застапеноста;
-податоци од регистарот на вработени во јавниот сектор (име и презиме запишано во лична карта или во друга јавна исправа издадена од надлежен орган во согласност со закон).
– податоци за спроведените мерки и степенот на нивна реализација;
– информации за проблемите во спроведувањето на застапеноста;
– годишни финансиски расходи направени за спроведување на законот;
– мерки и расходи планирани за наредната фискална година;
– и други информации.
(4) При обработка и доставување на лични податоци се почитуваат одредбите од Законот за заштита на лични податоци.
(5) Доколку надлежните органи не ги достават бараните податоци во рокот од ставот (2), Координативното тело со посебен извештај ја известува Владата”.
Иако законот предвидува пропорционалност, фактот што не се предвидени обврзувачки процентуални квоти може да остави простор за слободна интерпретација и потенцијални злоупотреби.
Друга слабост на овој закон е што не предвидува независен контролен механизам, туку контролата ќе ја спроведува исклучиво Владата.
Предлог-законот ќе има и шестмесечен период за анализа и започнување со препораките за негова примена.