XStoryXВести

Италија виа Глумово: Поддржувач на ВЛЕН ја „кастри“ вегетацијата под далноводите на МЕПСО

Додека компании се борат со пазарните цени, италијанската подружница на „Грин Меинтененс“ сместена во скопското село Глумово успеала да ја „потопи“ конкуренцијата на тендерот на МЕПСО за чистење на коридорите под далноводите, склучен кон крајот на октомври 2025 година. 

ПорталХ истражуваше како оваа новоформирана компанија на неколку месеци пред огласот успеала да го добие тендерот. Од Мепсо со образложение дека изборот на оваа компанија паднал бидејќи имала најевтина понуда и најниска цена. 

„Понудата на избраниот економски оператор изнесува 184.535 денари без ДДВ, додека следнорангираната понуда изнесува 651.165 денари без ДДВ. Тоа значи дека избраната понуда е пониска за 466.630 денари, односно за околу 71,7% во однос на следнорангираната понуда“, велат од Мепсо.   

Но, според Законот за јавни набавки ова отвора и друг потенцијално проблематилен аспект. Членот 110 пропишува дека МЕПСО не смеел едноставно да ја прифати оваа понуда само затоа што е најевтина. 

Бидејќи законот налага институцијата да побара писмено образложение кога понудата е значително пониска од пазарните цени и од останатите понуди (во овој случај за дури 71,7% пониска од второ рангираната). МЕПСО во своите одговори до ПорталХ не појасни дали побарал докази како што налага законот за тоа како фирмата ја формирала цената и математички ќе ги покрие трошоците за вработени, механизација и безбедност со толку ниска понуда.“ 

Договорот за рамковна спогодба – колку ќе се сработи, толку ќе се исплати е со предвидена максимална вредност од 236.000 евра за период од три години. 

ПорталХ се обиде на терен да ја лоцира и локацијата, односно седиштето на италијанската подружница во село Глумово, но безуспешно. Речиси еден час шетавме по сокаците во село глумово, разговаравме и со локалните мештани, но и тие не знаеја дека ваква фирма е регистрирана во селото. 

Но, овој тендер го отвора и прашањето за поврзаноста на еден од сопствениците на фирмата со коалицијата ВЛЕН.  На договорот склучен на 29 октомври 2025 година, потпис ставиле директорот на Мепсо, Бурим Латифи и управителот Суад Јакупи. 

Според актуелната сопственичка структура, како сопственици на подружницата се јавуваат Неждет Исљам и Шабан Шефки. 

Еден од сопствениците на подружницата Шабан Шефки се совпаѓа со име и презиме на поддружувач на владејачката ВЛЕН. На Фејсбук, можат да се забележат фотографии во екот на минатогодишните локални избори – за време на кампањата и прославата кај Скендербег. 

Од Мепсо велат дека не ги оценуваат компаниите врз основа на политички, лични, јавни или приватни убедувања и наведува дека тврдења за политичка блискост како фактор при изборот се неосновани и инсинуација.  

„Политичка определба, јавна симпатија, фотографија или присуство на каков било јавен настан не е критериум во јавна набавка, ниту може да биде основ за избор или дисквалификација на економски оператор. Во конкретната постапка, пресуден фактор бил критериумот предвиден во тендерската документација, најниска понудена цена, при исполнување на условите за учество“, велат од МЕПСО. 

Кога станува збор за далноводите, МЕПСО во изминатиот период е во фокусот на јавноста и поради раскинување на договор со босански Енергоинвест за изградба на далноводот кон Албанија и првичното губење на предарбитражниот спор за сума од 6 милиони евра. Како и склучување на нов договор со конзорциум од три фирми, а дел од нив се поврзуваат со Милорад Додик и Александар Вучиќ. 

Related Articles

Back to top button