
„Сакав да бидам подготвен за овој многу битен настан, 20 години од ЕВН. Ние се видовме со директорот пред околу два месеца, во меѓувреме ми дојдоа високи сметки, па се мислев дали да дојдам на настанот“.
Со оваа шеговита изјава претседателот на Собранието, Африм Гаши, се обрати на промоцијата на „Белата книга“ на ЕВН Македонија.
За разлика од Гаши кој го удрил есапот на домашните сметки за струја пред да се појави на јубилејот, во Белата книга, ЕВН го пресметува само билансот на успех, каде на страниците се нижат дведецениските достигнувања.
Во сенката на тие „успеси“ стои една од најцрните дамки во поновата историја на компанијата – случајот „Делчевски ниви“. Овој корупциски скандал покажа како земјишта добиени на поклон или купени за ситни пари беа препродавани на „ЕВН Електрани“ од лица кои се поврзуваа со ВМРО-ДПМНЕ по цени до четириесет пати повисоки од пазарните.
Но, случајот не стигна до обвинение бидејќи членови на Управниот одбор, вклучувајќи го и тогашниот делегиран владин повереник во ЕВН Сашо Стојкоски, го сменија својот првичен исказ. Дека по дополнителен преглед на доказите, ЕВН Електрани не била доведена во заблуда од осомничените и повторно би го купиле истиот имот. Со тоа, истрагата се затвори. dsc 9472 dsc 9473
Тогаш осомничените претставници на ЕВН Електрани, Игор Гиевски и Мирослав Митровски, и денеска имаат раководни позиции во рамки на ЕВН групацијата.
Сакавме да го прашаме актуелниот претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Волфганг Мајер, како аферата со „Делчевските ниви“ се одрази врз репутацијата на компанијата, со оглед на тоа што инволвираните кадри сè уште се дел од раководството. Но, Мајер не беше расположен за непријатни теми – штом го слушна прашањето, побегна од камерата.
Компанијата слави 20 години во Македонија. Во време кога компанијата го слави овој успех, неколку години порано имаше голем скандал со компанијата под името „Делчевски ниви“. Можете ли да објасните како компанијата плати 1.6 милиони евра…,беше прашањето на ПорталX.
Премиерот Христијан Мицкоски во неколку наврати го повика Обвинителството да се разгледаат случаи од минатото, за кои тврди дека биле политички мотивирани и завршиле без разрешница. Оттука, прашавме во Обвинителството – дали при евентуална ревизија на стари предмети потенцијално може да биде опфатен и случајот со Делчевските ниви. Од таму, добивме сувопарен одговор.
„Републичкото јавно обвинителство постапува и врши контрола и надзор согласно Законот за јавното обвинителство и соодветни подзаконски акти и внатрешни прописи.“



