
Настанот за „пуштање во употреба на шест реконструирани операциони сали“ во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, на кој присуствуваше половина од владата, создаде впечаток дека салите веќе се функционални и подготвени за операции. Сепак, еден месец подоцна, тие и натаму остануваат надвор од употреба.
Станува збор за проект вреден 282 милиони денари, кој опфати реконструкција на операционите сали во Одделот за трауматологија при Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и Ургентниот центар (ТОАРИЛУЦ), две сали во Клиниката за урологија и две во Клиниката за детска хирургија.
Според извори на PortaliX, една од клучните причини за доцнењето на пуштањето во употреба е недостатокот на основни услови. Дури, во една од салите е констатирана техничка грешка која го оневозможува функционирањето на опремата, бидејќи не е инсталирана трофазна електрична мрежа.
Премиерот Христијан Мицкоски пред еден месец изјави дека во рок од неколку месеци се очекува да бидат ставени во функција и преостанатите четири операциони сали, со што ќе се заокружи целиот проект.
„Да потенцираме дека сега се ставени во употреба шест, односно ќе бидат ставени во употреба шест сали. Се очекува во наредните неколку месеци и уште четири дополнителни сали да бидат ставени во употреба, со што ќе го заокружиме процесот со вкупно 10 вакви современи, модерни сали“, изјави Мицкоски.
Дека салите сè уште не се пуштени во употреба потврдија и од Министерството за здравство. Оттаму информираат дека истите ќе започнат со работа кога сите ќе бидат подготвени.
Доцнењето на отварањето на салите во наведените оддели продолжува да им создава потешкотии во функционирањето на медицинските тимови. Медицинските екипи кои работат во овие оддели за PortaliX изјавија дека не се информирани кога ќе можат да ги користат.
Оттаму додаваат дека недостатокот на операциони сали им ја отежнува работата и дека моментално се приморани да работат во две смени.
Автор: Кристина Ивановска


