XВестиЛокално

Преквалификувана за работа: Наставничка со магистратура одбиена на оглас во Теарце

Замислете, завршувате додипломски студии, потоа запишувате и успешно завршувате магистерски студии. Вложувате време, труд и финансии, со цел да бидете поконкурентни на пазарот на труд.

Но, кога ќе дојде моментот за вработување – ви велат дека сте преквалификувани.

Токму ваков е случајот со една наставничка од Полошкиот регион, добро позната и за јавноста и за институциите. Таа се пријавила на конкурс за наставник по математика во основното училиште „Еќрем Чабеј“ во општина Теарце – училиште каде што претходно веќе работела со договор на дело.

Сепак, не била избрана. Образложението? Нејзиниот противкандидат имал повисок успех на додипломските студии.

„Причините поради кои не сум примена на овој конкурс, според мене, се политички. Првично беа политички, а потоа отидов сама кај директорот, бидејќи тој не ме покани. Тој ми образложи дека причината поради која таа е примена е тоа што просекот од првиот циклус на противкандидатката е повисок од мојот и дека врз таа основа мојот магистерски труд се занемарува“, вели наставничката.

Таа додава дека поднеле жалба, но нема доверба во институциите:

„Ние поднесовме жалба, но се сомневаме дека инспекторатот не постапува во училиштето. Сметаме дека се обидуваат да го прикријат случајот. Инспекторатот ја крие нашата жалба. Веруваме дека тоа го прават со цел да добијат време.“

Кога го контактиравме просветниот инспектор Илбер Зенку, кој треба да постапува по случајот, тој, повикувајќи се на Законот за наставници, го потврди ставот на директорот.

Но, што точно предвидува законот?

Според законските одредби, предност при вработување имаат кандидатите со повисок степен на соодветно образование. Тоа значи дека магистерските студии треба да претставуваат предност, а не пречка во изборот.

Во пракса, сепак, се поставува прашањето – дали секогаш се почитуваат овие критериуми?

И кога партиските вработувања ќе добијат предност пред знаењето и вложениот труд, се случува токму она што многу млади луѓе во земјава го чувствуваат – разочарување и губење на довербата во системот.

„Ни беше кажано дека ќе создадеме проблеми и дека по ова нема да можам да се вработам никаде на друго место. Едно од нашите размислувања е да заминеме од тука, бидејќи се случуваат многу неправди. Јас вложив години во образованието, најпрво во првиот циклус со многу труд… Математиката не е лесен предмет. Потоа одлучив да завршам и магистерски студии, за личен развој, но тоа кај нас не се цени. Верувам дека еден ден правдата ќе излезе на виделина, меѓутоа губењето време ме исцрпува емоционално“, додава таа.

Се обидовме да стапиме во контакт и со директорот на училиштето, но тој не беше достапен за изјава.

Останува да видиме дали инспекцијата, која треба да одлучува на 4 мај, ќе ја донесе правилната одлука.

Related Articles

Back to top button