
Неодамна уапсениот директор на Државниот инспекторат за земјоделство кој е осомничен за примање поткуп Васе Анакиев, пред 14 години како член на Комисија при Министерството за земјоделство, учествувал во доделување на државна земја под закуп на неговиот брат Дејан, открива ПорталХ.
Станува збор за фирмата „Облешевка“ во сопственост на Дејан Анакиев која закупила шест хектари со годишен надомест од 187.200 денари.
Случајот датира од април 2012 година – кога Васе Анакиев бил дел од Комисијата која носела одлуки за доделување на државна земја во Кочани.
Потпис на договорот ставиле Љупчо Димовски како тогашен министер за земјоделство и Дејан Анакиев како управител на „Облешевка“. На договорот, стои потписот и на Васе Анакиев, како член на Комисијата, кој воопшто не се изземал во предметот со одлучувањето за неговиот брат.
Портал Х побара одговори од Љупчо Димовски, тогашен министер за земјоделство, а сега вицепремиер во Владата и претседател на Социјалистичката партија.
Во доставениот одговор вели дека фирмата на Дејан Анакиев имала најдобра понуда по што бил склучен договор за закуп во јули 2012 година со времетраење од 15 години за одгледување на житни култури. Но, во април 2018 година, поради непочитување на договорните обврски, договорот бил раскинат и земјиштето има нов закупец.
Напоменува дека со семејството Анакиеви во 2012 година немал каква било лична, политичка или службена релација. Во тој временски период, тврди дека Васе Анакиев не бил член на Социјалистичката партија, туку се зачленил подоцна. Димовски исто така тврди дека не знаел за фамилијарната врска меѓу Васе и Дејан Анакиеви.
Меѓутоа, во однос на прашањето за судирот на интереси, Димовски дава контрадикторни одговори.
Прво, дека Васе Анакиев работел како државен службеник и бил на работна задача во рамки на своите овластувања и како дел од 5-члената Комисија не презел никакви активности кои се спротивни на законите.
Понатаму, Димовски воведува условни сценарија – дека доколку постоела каква било злоупотреба, таа одамна би била утврдена” и дека “евентуалната одговорност би се однесувала на комисиите”. Ова имплицира дека во случај на евентуален конфликт на интереси, вината е на членовите на комисијата (вклучително и Васе Анакиев) и стручните служби – но, не и на него како министер и конечен потписник на договорот.
„Не е ниту можно, ниту законски предвидено министерот како политички носител на функција да проверува евентуални роднински или приватни врски помеѓу учесниците во постапката. Таквата обврска е во надлежност на стручните служби и членовите на Комисиите кои директно ја спроведуваат постапката и кои се должни да пријават и избегнат секој можен конфликт на интереси“, вели Димовски.
Дејан Анакиев, братот на притворениот екс директор Васе, кој во моментов е в.д. директор на Комуналното претпријатие Водовод во Кочани како кадар на Социјалистичката партија, не одговори за случајот на прашањата на ПорталХ.










