
Осум лица, меѓу кои и високи раководни кадри во Управа за јавни приходи (УЈП), се спроведени во 30-дневен притвор по обемната акција на Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Одлуката ја донесе Кривичен суд, кој ја прифати аргументацијата на обвинителството дека постои опасност од бегство и можност за влијание врз сведоци во текот на истражната постапка.
Според првичните сознанија од истрагата, станува збор за добро организирана криминална шема за даночно затајување и перење пари, со која државниот буџет е оштетен за околу 5 милиони евра. Криминалната група, според сомнежите, била предводена од државјанин на Србија, кој во соработка со двајца вработени во Регионалната дирекција Скопје на УЈП и други лица, воспоставил мрежа на фиктивни фирми и лажни финансиски трансакции.
Истражните органи информираат дека преку фалсификувана документација, фиктивни фактури и злоупотреба на даночните постапки, биле избегнати значителни финансиски обврски кон државата, а средствата потоа биле „испрани“ преку различни деловни субјекти и банкарски сметки.
При претресите спроведени претходниот ден на 16 локации во Скопје и во други градови, запленети се големи количини фиктивна документација, лажни печати, електронска опрема, готовина, како и оружје, кои ќе бидат користени како докази во постапката.
Од обвинителството најавуваат дека истрагата продолжува и не се исклучува можноста случајот да се прошири со нови осомничени, како и поднесување дополнителни обвиненија за тешки кривични дела поврзани со организиран криминал, корупција и злоупотреба на службена положба.



