
„Ние го молиме Фондот за сопствени пари“, вели Росана Миловановик од Струмица, која со месец се соочува со доцнење на исплатата на надоместокот за породилно отсуство.
Милановик е мајка на три деца и вели дека ваквата состојба често ѝ го отежнува обезбедувањето на основните потреби за нејзиниот најмал син, четиримесечниот Марко.
„Не сите мајки можеме да доиме. Најевтиното пакување адаптирано млеко чини околу 500 денари, а да не зборувам за другите работи кои се неопходни за добросостојбата на детето. Не ми е јасно зошто секој месец треба да молиме да ни исплатат нешто што законски ни следува“, вели таа.
Во врска со доцнењето, Миловановик вели дека се обратила во подрачните канцеларии на Фондот за здравствено осигурување во Струмица и Штип. Оттаму ѝ било кажано дека од нејзина страна сè е во ред, но дека проблемот е во централата на Фондот во Скопје, бидејќи поради користење годишни одмори нема доволно вработени кои ги обработуваат документите.
Меѓутоа, Фондот за здравствено осигурување негира дека има доцнење во исплатите. Оттаму велат дека исплатите се вршат навремено и континуирано.
„Исплатата се реализира континуирано, согласно динамиката на завршување на овие законски предвидени постапки. Фондот останува целосно посветен на навремено и ефикасно постапување по сите барања и исплатите се реализираат континуирано, веднаш по завршување на законски пропишаните процедури.“
Од Фондот додаваат дека само во текот на мај 2026 година, по основ на надоместок на плата за породилно отсуство, биле исплатени вкупно 308.007.565 денари.
Сепак, состојбата на терен не се совпаѓа со тврдењата на институцијата. Миловановик вели дека исплатата за мај ја добила дури пред два дена, додека сè уште го очекува надоместокот за јуни.

Дека ова не е изолиран случај, потврдуваат и бројните пораки од мајки кои со месеци се соочуваат со доцнење на исплатата на породилниот надоместок.
„Не можеме да им кажеме на децата: „Почекајте, затоа што државата нема пари да ни исплати право што законски ни следува.“ Ним им се потребни млеко, пелени и секојдневна грижа“, напиша мајка која сакаше да остане анонимна.
Со доцнење на исплатите, покрај мајките на породилно отсуство, се соочуваат и жените кои примаат надоместок за ризична бременост. Мајки кои ги споделуваат своите искуства во Фејсбук-група велат дека последната исплата за ризична бременост ја добиле за месец април.
Слични доцнења имало и во минатото, но тогаш од Фондот одговорноста ја префрлаа на работодавачите, со образложение дека тие не ги исплаќаат платите навреме.



