XВестиЛокално

Над 120 евакуирани во Кичево, на други места состојбата сè уште проблематична

По обилните врнежи од дожд што ја зафатија земјата изминативе денови, состојбата според официјалниот извештај на Центар за управување со кризи (ЦУК) заклучно до 12:00 часот се оценува како претежно стабилизирана, со локализирани поплави и без директна опасност по животот на граѓаните. Сепак, во неколку општини последиците сè уште се присутни и состојбата останува под засилен институционален мониторинг.

Во Пелагонискиот регион, урбаната состојба во Општина Битола е нормализирана, со исклучок на населбата Стрчин, каде се евидентирани наноси од чакал и земја и се спроведуваат интервенции за чистење на улиците. Поплави се регистрирани главно на земјоделско земјиште: во селото Кравари околу 10–20 хектари, во Жабени и Породин околу 70–80 хектари, додека реката Елешка излегла од коритото и поплавила околу 100 хектари земјоделска површина. Според надлежните, нема ризик за станбени или индустриски објекти и интервенциите со механизација се во тек.

Во Општина Преспа се пријавени поплави на земјоделско земјиште, дворови, куќи, помошни објекти и магацини за складирање јаболка. Излевањето на реката Голема предизвикало привремени пренасочувања на сообраќајот на неколку мостови. Според ЦУК, нивото на водата е во опаѓање и состојбата се движи кон нормализирање, но евидентираните материјални штети ја задржуваат оваа општина во фокусот на институциите.

Во Општина Кичево, иако нивото на реките Зајаска и Треска постепено се намалува, состојбата останува чувствителна. Вкупно 120 евакуирани лица сè уште се сместени во спортската сала „Христо Узунов“, каде им се обезбедени топол оброк, здравствена заштита, лекови и хигиенски услови. Комуналните екипи и службите за итни интервенции продолжуваат со испумпување на водата и чистење на одводните канали.

Во останатите општини низ земјата, вклучително Полошкиот, Скопскиот, Вардарскиот, Источниот, Северниот, Североисточниот и Југоисточниот регион, надлежните институции информираат дека нема сериозни нарушувања на нормалната состојба. Регистрирани се само локални излевања на реки и ограничени поплави на обработливи површини, без значителни материјални штети. Главните патишта се проодни, снабдувањето со електрична енергија е редовно, а на одделни места се препорачува зголемена внимателност поради зголемениот водостој или временските услови.

Според проценката на Центарот за управување со кризи, актуелната состојба не се смета за критична на ниво на држава, но останува проблематична во одделни подрачја каде последиците од врнежите сè уште не се целосно надминати. Институциите продолжуваат со постојан мониторинг и апелираат на зголемена внимателност, особено во близина на реките и во руралните средини.

Related Articles

Back to top button