Пет дена беа потребни Министерството за внатрешни работи да одговори едно обично прашање - дали се крши Законот за возила, откако новите возила за собирање смет на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје и оние за Итна помош беа возени низ Скопје, без било какви регистарски таблички, а за на крајот да завршат на видео спотови кај премиерот Христијан Мицкоски, градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски и министерот за здравство, Сашо Клековски.
Но, и во одговорот кој го добивме, нема конкретен став – дали се крши законот или не. Велат, добиле барање од Град Скопје и постапиле по истото.
„Претходно, од страна на Град Скопје до МВР беше доставено соодветно барање во врска со истите возила, по што од страна на полициските службеници беше постапено согласно барањето, при што возилата со полициска придружба беа спроведени низ јавниот сообраќај до локацијата предвидена во барањето“, велат од МВР за Порталикс.

Ставот на МВР наместо да даде одговор, отвори повеќе прашања – дали во ист ден Град Скопје има поднесено барања за два различни настани кои беа направени во неколку денови разлика. Со нивниот одговор не се знае ниту дали е испочитуван законот, односно возилата имале потврда за пробно возење, налог за пробно возење или пробни регистарски таблички кои треба да бидат, а не беа видливи на ниту едно од овие возила.
Доколку немало ништо од наведеното, ниту едно од возилата не смеело да биде пуштено во сообраќај, најмалку за правење ПР на властите.
Порталикс претходно објави дека со вадењето нерегистрирани возила на јавен пат, се крши законот. Но, одговорот на МВР освен што не дава информации дали е испочитуван законот, очигледно покажува и дека никој нема намера да побара одговорност од никого.






