Државната лотарија склучи нов договор со телевизија Канал 5 во вредност од 11.044.800 денари со ДДВ за продукција и емитување на телевизиските извлекувања на игрите на среќа Лото и Џокер.
Договорот е потпишан на 14 јули 2026 година, по спроведена отворена постапка за јавна набавка. Според известувањето објавено во системот за јавни набавки, Канал 5 бил единствениот понудувач на тендерот, со понуда од 9.360.000 денари без ДДВ.
Набавката опфаќа продукција и емитување на 104 телевизиски емисии за извлекување на добитните броеви од игрите Лото и Џокер, како и извлекувања од наградни игри, во времетраење до 15 минути. Во договорот е вклучен и закуп на 710 секунди рекламно време неделно надвор од емисијата.
Интересен детал во договорот е што во него е прецизирано кој има единствено право да ја води емисијата.
„Водител на емисијата е исклучиво и единствено бренд лицето на Државна лотарија, Кристина Димитриевска. Нејзината улога на водител не може да биде пренесена или заменета. Во случај на нејзино оправдано отсуство, Кристина Димитриевска има единствено право и надлежност да определи лице кое ќе ја замени во водителската улога за соодветното издание на емисијата наведена во договорот.“
Договорот е склучен за период од 12 месеци, а критериум за избор била најниската цена. Иако постапката била електронска, електронска аукција не била спроведена.
ТВ извлекувањата на Лото се емитуваат на Канал 5 од декември 2018 година, кога Државната лотарија ја префрли реализацијата на емисиите на оваа телевизија по истекот на претходниот договор со Сител. Според јавно објавените податоци од Бирото за јавни набавки, Канал 5 бил единствениот понудувач и на отворените постапки во 2023, 2025 и 2026 година, по кои биле склучени договори за продукција и емитување на извлекувањата на Лото и Џокер.





