XВестиЛокално

Екстремно загадување на воздухот во Скопје, надминат е прагот на алармирање за ПМ10

Во Скопје е регистрирано екстремно загадување на воздухот, при што е надминат прагот на алармирање за концентрации на ПМ10 честички на пет мерни локации: Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и кај Ректоратот.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека, врз основа на податоците од Државниот мониторинг на квалитетот на воздухот и временската прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, во главниот град ќе се воведат вонредни мерки. Тие предвидуваат засилени вонредни инспекциски надзори на инсталациите со А и Б интегрирани дозволи и елаборати, контрола на техничката исправност на возилата, особено на оние со дизел гориво и нерегистрираните возила, како и засилени контроли на градилиштата.

Со мерките се забранува горење на отворено, а на работодавачите им се препорачува да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, лица кои прележале миокарден инфаркт или мозочен удар, без оглед на возраста. Додека траат мерките, лицата кои работат на отворено треба да работат во периодот од 11:00 до 17:00 часот, а не се препорачува организирање спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.

Според податоците на Министерството, среднодневните концентрации на ПМ10 во Центар во изминатите два дена изнесувале 151 и 186 микрограми на кубен метар, во Гази Баба 156 и 178, во Карпош 152 и 180, во Лисиче 232 и 266, а кај Ректоратот 179 и 186 микрограми на кубен метар.

Related Articles

Back to top button