
Од денеска во Скопје, Тетово и Куманово започнува првата фаза од функционирањето на интелигентниот систем за надзор „Safe City“ – проект кој Министерството за внатрешни работи го најавува како најголемиот чекор кон автоматизирана контрола на сообраќајот во државата.
Иако прекршочни налози сè уште формално нема да се издаваат, новите камери и уреди за мониторинг од денеска се пуштаат во тест режим. Министрот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека оваа фаза ќе трае околу еден месец, а во тој период возачите ќе добиваат само предупредувања, без парични казни.
Секој забележан прекршок ќе му биде доставен на сопственикот на возилото преку СМС и е-пошта, со линк до записот од прекршокот. Овие предупредувања имаат за цел да го информираат јавноста дека системот веќе е активен и дека од јануари 2026 казните ќе станат целосно извршливи.
Тошковски нагласи дека измените на законите потребни за имплементација на проектот треба да стапат во сила на почетокот на следната година, а „Safe City“ ќе се прошири низ целата држава до средината на 2026.
Како ќе функционираат казните од јануари 2026?
– Сопственикот на возилото чиј прекршок е регистриран ќе добие официјално известување со линк до извештајот.
– Во рок од 8 дена, казната може да се плати на пола како и досега.
– По истекот на тој рок, возачот има уште 8 дена да ја плати целосната сума.
– Доколку не се плати навреме, ќе започне постапка за присилна наплата.
– Плаќањето ќе може да се изврши електронски, а системот автоматски ќе ја информира МВР дека казната е платена.
Во оваа иницијална фаза нема да се изрекуваат казни, но предупредувањата што граѓаните ќе ги добиваат ќе покажат кои типови прекршоци системот ги регистрира: пребрзо возење, поминување на црвено, недозволено паркирање, непоставување на сигурносен појас и користење телефон при возење.
Од МВР велат дека тест фазата е клучна за да се избегнат можни грешки, да се информира јавноста и да се обезбеди транспарентност пред да започне целосната примена на казните во јануари.



