
Кривичниот совет при Основниот суд во Кочани ја одби жалбата на Основното јавно обвинителство и ја потврди мерката куќен притвор за двајцата даночни инспектори кои беа уапсени минатата недела во акцијата поврзана со трагедијата во кабарето „Пулс“. Обвинителството во четвртокот отвори истрага против 11 лица, меѓу кои и двајцата даночни инспектори, осомничени дека примале поткуп и однапред ги информирале одговорните лица во локалот за инспекциските контроли, во замена за подароци. Иако Обвинителството побара притвор, судијата на претходна постапка одлучи да им определи куќен притвор.
По овој исход, Обвинителството поднесе жалба, но денеска Судот соопшти дека Кривичниот совет ја одбил и ја оставил во сила првичната мерка. Според одлуката, Советот оценил дека куќниот притвор е доволен за обезбедување на присуството на осомничените и за спречување на евентуално влијание врз постапката.
За шест други осомничени Судот одредил мерки на претпазливост, а на едно лице му е изречена дополнителна мерка на претпазливост. Пожарот во кабарето „Пулс“, кој избувна ноќта меѓу 15 и 16 март, однесе 63 човечки животи и повреди над 200 лица, претставувајќи една од најголемите трагедии во земјата. За овој случај, Обвинителството поднесе обвинение против 35 лица – сопственици, менаџери, одговорни лица и институционални службеници – кои со своите дејствија или неактивност, наводно придонеле за создавање на условите што довеле до катастрофата. Меѓу обвинетите се и сопственикот на локалот, Дејан Јованов–Деко, неговиот син и сопственикот на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, Александар Нацев. Postапката продолжува.


