XВестиЛокално

Уривањето на спомен-куќата на Владо Малески донесе нова кривична пријава против Рамиз Мерко

Струшката полиција поднесе кривична пријава против пет лица, меѓу кои и поранешниот градоначалник на Струга Рамиз Мерко, поради делумното уривање на спомен-куќата на авторот на македонската химна, Владо Малески, објект заштитен како значајно културно наследство.

Случајот започнал кога инвеститорот Н.К. (53) од Велешта на 15 октомври 2025 година нелегално користел градежна механизација за уривање стара куќа во близина на спомен-објектот. При ископните работи тој ги оштетил темелите на јужниот ѕид од Спомен-куќата на Малески, која од 2017 година е под заштита како културно наследство.

Во пријавата од МВР се наведува дека одговорност има и архитектката-конзерватор В.Н. (62) од Охрид, која ставила службен печат и го потпишала основниот проект за семејната куќа, спротивно на Законот за заштита на културното наследство, Планот за управување со заштитеното подрачје на Охрид и решението за заштитни услови. Таа се товари за „несовесно работење во службата“.

Меѓу пријавените е и Рамиз Мерко, кој, според МВР, како градоначалник на Струга ја злоупотребил службената положба, потпишувајќи дозвола за градба спротивно на актите на Националниот институт за заштита на културното наследство и на решенијата на Управата за заштита на културното наследство.

Во случајот се инволвирани и двајца општински службеници:
– Н.Н. (56), раководител на Секторот за урбанистичко планирање, кој ја изготвил дозволата;
– Ѓ.Д. (59), помошник-раководител во истиот сектор, кој ја одобрил.

Настанот повторно ја отвори дебатата за заштитата на културното наследство во Струга. По инцидентот од средината на октомври, министерот за култура и туризам Зоран Љутков најави веднаш да започне проект за обнова и реставрација на спомен-куќата на Малески.

Обвинителството ќе ја утврдува одговорноста на сите инволвирани, додека јавноста бара објаснување како е можно заштитен објект да биде оштетен под надзор на повеќе надлежни институции.

Related Articles

Back to top button