
Неуспешното гласање во првиот круг од локалните избори одржани на 19 октомври ќе се повтори на 11 јануари 2026 во четири општини во државата: Гостивар, Врапчиште, Маврово–Ростуша и Центар Жупа. Одлуката за одржување на повторени избори денес ја потпиша претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши.
Со стапувањето во сила на актот, надлежните институции – вклучително и Државната изборна комисија и општинските изборни комисии – се обврзани веднаш да започнат со спроведување на законските рокови и процедури. Процесот, според претседателот на Собранието, треба да се одвива во целосна согласност со Уставот, Изборниот законик и меѓународните стандарди.
Во својата проширена изјава, Африм Гаши упати повик до сите институции и политички актери да обезбедат чесен, транспарентен и професионален изборен процес:
„Ги повикувам сите надлежни институции да постапуваат со прецизност и целосна одговорност. ДИК, општинските комисии и сите надзорни органи треба да обезбедат коректен процес, во кој секој чекор ќе биде јасно документиран и отворен за јавноста. Само така можеме да ја градиме довербата во нашите демократски процеси.“
Тој упати апел и до политичките партии и кандидатите што учествуваат во трката:
„Им порачувам на сите политички субјекти овој процес да го водат далеку од тензии, уцени или притисоци врз гласачите. Кампањите треба да бидат чесни, базирани на идеи и програми, а не на конфликти или говор на поделби. Само мирни и фер избори ја зајакнуваат нашата демократија.“
Гаши ја истакна и важноста на граѓанското учество, посочувајќи дека гласот е една од клучните столбови на институционалниот легитимитет:
„Ги повикувам граѓаните на овие општини масовно да излезат на гласање и да го остварат своето демократско право. Учество на секој граѓанин е гаранција за правичен и претставителен процес. Повторувањето на изборите нè потсетува дека секој глас има тежина и дека демократијата се гради врз активното учество на граѓаните.“
На крајот, претседателот на Собранието го нагласи ангажманот на институцијата што ја води:
„Собранието на Република Северна Македонија останува посветено на организирањето на регуларни изборни процеси и на зајакнувањето на институциите во државата. Ќе продолжиме да работиме на обезбедување на највисоки демократски стандарди.“
Повторените избори на 11 јануари треба да го затворат изборниот циклус започнат на 19 октомври, обезбедувајќи избор на нови градоначалници во општините каде што гласањето беше поништено во првиот круг.


