
Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука да го разреши Илија Стоилев од функцијата претседател на Општинскиот комитет на партијата во Свети Николе, по скандалот со злоупотребата на средствата во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, кои доаѓаат од европската програма ИПАРД. Стоилев, воедно директор на Агенцијата, е во центарот на сомневањата за сериозни неправилности кои доведоа и до стопирање на исплатите од програмата ИПАРД 3.
Исто така, беше донесена одлука за разрешување на Гоце Стоиловски од позицијата претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Македонска Каменица.
На синоќешната седница, Централниот комитет ги усвои и другите одлуки поврзани со подготовките за редовниот партиски Конгрес, кој ќе се одржи на 6 декември во Кавадарци и на кој се очекува да учествуваат над 800 делегати. „Беше донесена одлука за избор на делегатите кои ќе учествуваат и ќе одлучуваат на Конгресот. Над 800 делегати ќе учествуваат, а генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски беше овластен да ја утврди конечната листа на делегати согласно статутот на ВМРО-ДПМНЕ. Исто така беше формиран организациски совет за подготовка на Конгресот“, се вели во соопштението на партијата.


