XВестиЛокално

АХВ уништи 37 тони храна со истечен рок

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) минатата недела спроведоа вонредна контрола, при што беа запленети и на безбеден начин уништени околу 37 тони храна.

Како што информираше денес Агенцијата, се работи за големи количини ореви, житарици, мешунки и различни зачини, дел од кои немале соодветни декларации, а некои биле со поминат рок од една до две години.

Поради ова прекршување, на операторот со храна му е изречена привремена забрана за работа и парична казна, како и налог за веднаш отстранување на сите утврдени неправилности.

АХВ соопшти дека изминатата недела биле извршени и засилени вонредни контроли кај други оператори со храна – вклучително месарници, ресторани, продавници за сендвичи и пазари.

Идентификувани се повеќе неправилности, како нерегистрирани оператори со храна, непоседување задолжителна обука за безбедност на храната кај вработените и ставање небезбедна храна во промет.

Како резултат на тоа, операторите и нивните одговорни лица се парично казнети, а дел од нив добија и дополнителни привремени забрани за работа.

„Издадени се и налози за отстранување на утврдените недостатоци, а пронајдената небезбедна храна е уништена на безбеден начин“, соопшти АХВ.

Пред три дена, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во соработка со Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, заплени вкупно 1.641 килограм небезбедна храна од возило во реонот на Чучер-Сандево. Во возилото биле пронајдени 1.060 килограми мелени ореви на големо, 581 килограм кикирики во лушпа со зачини, исто така на големо, како и 900 килограми индиски ореви со декларација.

Related Articles

Back to top button