
Македонија денеска се најде меѓу малубројните држави кои гласаа против резолуцијата на Обединетите нации што бара укинување на повеќедецениските американски санкции кон Куба.
Во Генералното собрание на ОН, 165 држави гласаа „за“ резолуцијата, 12 беа воздржани, а само седум беа „против“ – меѓу нив и САД, Македонија, Израел, Украина, Унгарија, Парагвај и Аргентина.
Резолуцијата, иако со необврзувачки карактер, има силна симболична тежина и традиционално ја одразува позицијата на меѓународната заедница против американската политика на економско ембарго што трае повеќе од шеесет години.
Во двата дена дебата пред гласањето, претставниците на голем број држави повикаа на итно укинување на санкциите, оценувајќи ги како неефикасни и штетни за кубанскиот народ.
Гласањето повторно ја отвори дебатата за надворешно-политичката ориентација на Македонија – дали земјата ја води својата дипломатија според сопствените принципи и интереси или, како што коментираат дел од аналитичарите, ја следи линијата на своите стратешки партнери, пред сè на САД.


