
Движењето „Самоопределување“ реагираше на социјалните мрежи во врска со протестот што ќе се одржи утре во Тирана, каде што граѓаните ќе излезат на улица и ќе бараат правда за поранешните раководители на Ослободителната војска на Косово.
Во реакцијата се потсетува на настаните што доведоа до формирањето на Специјалниот суд, при што „Самоопределување“ нагласува дека многу од политичарите кои денес се против него, во минатото биле најголеми лобисти за неговото создавање – меѓу нив и актуелниот премиер на Албанија, Еди Рама.
„Да потсетиме дека Специјалниот суд не се појави сам од себе, туку започна во 2008 година со резолуција предложена во Советот на Европа од шефот на руската делегација во Парламентарното собрание на Советот на Европа, Константин Косачев, а беше усвоена како резолуција по предлог на сенаторот Дик Марти во 2011 година.
Но, за да одиме искрено напред како држава и како народ, мора да размислиме за нашите ставови кон овој суд во времето кога беше формиран. Размислувањето не е грешка, но во таа насока, многумина што денес го оспоруваат Специјалниот суд, вчера беа најголеми поддржувачи на неговото формирање. Пред да протестираат, овие актери и политичари треба барем минимално да покажат каење за своите погрешни ставови во минатото. Јасен пример е токму актуелниот премиер на Албанија, Еди Рама, кој дури пристигна во Косово со итна посета со хеликоптер за да ги убеди страните да гласаат ‘за’ формирањето на овој суд“, се наведува во реакцијата на „Самоопределување“, кое истовремено бара и поддршка од Албанија ова прашање да се покрене и во меѓународните институции.