
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска ја започна својата тридневна турнеја низ Западен Балкан, со првата станица во Тирана. Турнејата ќе ги опфати повеќето главни градови од регионот, а посетата на Скопје е планирана за среда попладне.
Според најавата од Европската комисија, Фон дер Лајен во Скопје ќе се сретне со претседателката Гордана Силјановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на Собранието, Африм Гаши. Посетата доаѓа во клучен момент за Северна Македонија, која сè уште очекува напредок во процесот на пристапување кон Европската унија.
Во првиот ден од турнејата, Фон дер Лајен одржа средби во Тирана со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, и премиерот Еди Рама, каде што учествуваше и на отворањето на Регионалниот инвестициски форум на ЕУ за Западен Балкан. По Тирана, таа отпатува за Тиват, Црна Гора, каде што се сретна со претседателот Јаков Милатовиќ и премиерот Милојко Спајиќ.
Во вторник, Фон дер Лајен ќе учествува на Конференцијата за инвестиции за зелена и паметна иднина, а потоа ќе отпатува во Сараево на средби со лидерите на Босна и Херцеговина и ќе ја посети Меморијалната установа во Сребреница.
Од Босна, турнејата продолжува во Белград, каде што ќе се сретне со претседателот Александар Вучиќ и премиерот Ѓуро Мацуц, а потоа во Приштина, каде ќе се одржат средби со претседателката Вјоса Османи и премиерот во оставка Албин Курти. Скопје ќе биде последната станица на нејзината посета во регионот.
Северна Македонија останува блокирана во евроинтегративниот процес поради спорот со Бугарија, која бара вклучување на бугарското малцинство во Уставот како услов за понатамошно отворање на пристапните преговори. Уставните измени бараат двотретинско мнозинство во Собранието, што претставува предизвик за актуелната влада.
Во јули 2022 година, по одобрувањето на таканаречениот „француски предлог“, Северна Македонија официјално ги започна пристапните преговори со ЕУ, но процесот е стопиран сè додека не се реализираат бараните уставни измени.


