
Здружението на судиите на Република Северна Македонија со длабока жалост и искрено сочувство реагира поради трагичниот настан што се случи во Република Албанија, каде што еден судија беше застрелан додека ја извршувал својата службена должност.
Од таму велат дека овој чин претставува сериозен напад врз независноста и достоинството на судиската функција и потсетник дека судиите треба да можат да ја извршуваат својата работа слободно, професионално и без страв за нивната лична безбедност.
„Владеењето на правото е можно само кога судството е заштитено од секој вид притисок или закана. Здружението им упатува апел на сите надлежни институции и засегнати страни во општеството да придонесат кон зачувување на достоинството и безбедноста на судиската професија.
Истовремено, упатуваме повик за посебна внимателност во јавните коментари за судските постапки и носителите на судската власт, особено од страна на поединци и структури со влијание, бидејќи претераните изјави можат да создадат атмосфера на недоверба и притисок, што индиректно може да охрабри несакани и трагични настани“, стои во соопштението.
Здружението на судиите останува посветено на промовирањето и заштитата на независноста, непристрасноста и безбедноста на судиите, како темел за праведно и демократско општество.


