XВестиЛокално

Судскиот совет го разреши судијата Енвер Беџети, поврзан со предметите на Мијалков

Судскиот совет донесе одлука за разрешување на апелациониот судија Енвер Беџети, утврдувајќи дека извршил тешки дисциплински повреди и со своето однесување го нарушил угледот на правосудниот систем.

Според одлуката, Беџети со години ги чувал во фиока предметите на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, дозволувајќи тие да застарат. Ова постапување беше оценето како однесување што сериозно ја поткопува довербата на јавноста во правдата.

Името на Беџети не е непознато ниту за меѓународната јавност. Минатата година тој беше ставен на „црната листа“ на Соединетите Американски Држави, поради значајна корупција и примање поткуп од Мијалков. Како последица, нему и на неговите блиски семејни членови им е забранет влез во САД.

По објавувањето на оваа листа, Јавното обвинителство отвори предистражна постапка. Сепак, во својата одбрана пред Судскиот совет, Беџети изјави дека против него не се води активна кривична постапка и дека американската листа „не е обврзувачки документ“. За чувањето на предметите на Мијалков во фиока, тој се оправда со условите за работа за време на пандемијата.

Покрај Беџети, на американската црна листа беше вклучен и поранешниот вицепремиер Артан Груби од ДУИ, заедно со уште 12 лица. Сите беа означени како вмешани во крупна корупција и практики штетни за владеењето на правото во Северна Македонија.

Related Articles

Back to top button