
Илјадници килограми месо, ќофтиња и колбаси (ќерначка) се блокирани од Националната агенција за храна на Албанија (АКУ), откако анализите покажале дека се контаминирани со салмонела.
Случаите беа обелоденети преку „Inside Story“ на Тop Channel, каде што се наведува дека само во првите пет месеци од годинава од пазарот биле повлечени три пратки контаминирани со овој бактериум.
Прво биле идентификувани околу 4.500 килограми замрзнато свинско филе, кое за среќа било сè уште во магацин и не било пуштено во продажба. Сопственикот бил казнет со 300 илјади леки, а целата количина е наредено да се уништи.
Во друг случај биле блокирани 1.650 килограми „скара-ќофтиња“ и 3,2 килограми мелено месо, за кои исто така било изречено уништување. Субјектот бил казнет со 100 илјади леки поради непочитување на правилата за следливост.
„Направени се подобрувања, но постојат многу проблеми со водењето документација и со спроведувањето на инспекциите и контролите. Тоа покажува дека во синџирот на производство и складирање може да има алки кои стануваат извор на контаминација“, изјави Каплан Суљај, декан на Биотехнологија и Храна при УБТ.
Во еден друг случај била блокирана цела производна линија – 39 килограми месо и 92 килограми колбаси (ќерначка), кои биле уништени. Субјектот бил казнет со 100 илјади леки, а било наложено целосно чистење и дезинфекција на производната линија.
Исто така, е објавено и блокирањето и уништувањето на 200 килограми колбаси (ќерначка) и 50 килограми хамбургери.



